На државно земјиште од шест хектари во месноста Босевица кај Кочани, што компанијата „Агроцентар 2“ го користи под концесија, денеска беа ожнеани првите класја ориз. Со тоа неофицијално е означен почетокот на овогодишната жетва на кочанското „бело злато“.

Се работи за најрана жетва на оризот досега, за што позитивно влијание имале добрите временски услови во текот на вегетацијата, како и навремената и правилна примена на потребните агротехнички мерки.

-Вообичаено кај нас оризот почнува да се жнее во првата половина на октомври, но ние во изминатите години постојано правевме сопствени испитувања и тестирања на дваесетина сорти ориз и утврдивме која од нив ни дава најголем принос по квадратен метар. Тоа помогна да одбереме таква кај која вегетацијата заврши навреме и овозможи порано да почне жетвата. Во моментот има одлични услови за жетвени активности со оглед што влагата на зрното е под 15 отсто, а приносите се над девет тони од хектар. Се работи за натпросечна количина, од која очекуваме рандман од 60 отсто. Ако успееме да ожнееме за ден-два ќе имаме помалку кршење на зрното при лупењето на арпата, истакна агрономот Илија Каров, сопственик на компанијата „Агроцентар 2“.

Додаде дека многу е важно во периодот на сеидба во април да се чека на изедначување на просечните дневни и ноќни температури на околу 12 степени, што овозможува брзо `ртење и никнување на оризот. Исто така, во прихраната на растението биле користени значително поголеми количини фосфорни со избалансирана примена на азотните ѓубрива.

Годинава на полињата во Кочанско со ориз се засеани околу 3.500 хектари, што е за дваесетина отсто помалку во однос на планираното. Од нив се очекува вкупен принос од околу 18 илјади тони оризова арпа.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2020 16:25