Фрагментарниот роман „Молчи и танцувај“ од Светлана Антиќ –Јовчевска (1960) новинар и писател од Куманово, ќе биде промовиран утревечер во дворот на Театар Куманово.

Издавач е Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, а романот е издаден со финансиска поддршка од Министерството за култура. Промоцијата е закажана за 20 часот, а промотор и рецензент е Звездан Георгиевски, новинар и писател. Учесници на промоцијата ќе бидат актерите Сања Русеска и Никица Јанковски, во придружба на младиот џез музичар Јован Цветковиќ.

Рецензентот Георгиевски за „Молчи и танцувај“ меѓу другото запишал дека иако книгата е пишувана во исклучива јас-форма, таа е суштински универзална и во неа читателот, особено од овие простори, но и пошироко, мошне лесно се идентификува, тој ги препознава сопствените стравови и надежи, а на места и сопствените мисли и ставови. – Затоа оваа книга може да се нарече и книга за мудроста на живеењето, вели Георгиевски.

За невообичаениот наслов на книгата, Антиќ-Јовчевска вели дека молкот се однесувал на неа, оти од кога памети за себе постојано ја опоменувале да молчи или да замолчи. Најмногу најблиските ја замолчувале, оти не секогаш им се допаѓала нејзината зборливост, искреност, отвореност.

–Подоцна разбрав дека молкот е проголтан,промислен збор, а не испразнет простор од зборови. Умеам и да молчам, а најтешко ми е кога ме замолчуваат, цензурираат. Танцот пак, е составен дел од мојот живот, не само преку професионалната определба на помалиот син, туку од многу одамна. Сакам да танцувам, оти и преку танцот, преку движењата се „укинува“ молкот. Танцувањето на живиот свет, оттука и на човекот е од неговото зачнување, па се до последниот здив, вели Антиќ-Јовчевска.

Таа е долгогодишен новинар, а ова е нејзина четврта книга. Првата „Патот на вистината (сведоштва за воениот конфликт и егзодусот во Кумановско, 2001)“, објавена е во 2004 година, по што следуваат збирката раскази „13“ во 2005 година и современа проза „Ликот од огледалото“ во 2009 година. Во 2001 година, Антиќ-Јовчевска доби специјална годишна награда за професионални известување од завојуваните подрачја од редакцијата „Вечер“, а во 2015 година за долгогодишна работа како новинар и борец за професионално новинарство и напишаните три книги добитник е на највисокото општинско признание „Ноемвриска награда“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2020 14:03