Општина Кочани попладнево беше организатор и домаќин на меѓународна велосипедска тура со која ја одбележува Европската недела на мобилност и утрешниот, 22 Септември – Ден без автомобили.

Со велосипедската прошетка, на која учествуваа владини и претставници на неколку амбасади и граѓански организации, беше промовирано завршувањето на проектот за сообраќајно поврзување на селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, како и јавното осветлување на оваа делница.

Градоначалникот Николчо Илијев најави дека локалната самоуправа ќе настојува да создава што подобра инфраструктура за велосипедистите и ќе ги мотивира граѓаните за соодветна сообраќајна култура кон ова превозно средство што не ја загадува животната средина.

– Во моментот со проектот „Планински велосипедски рај“ во Кочани се работи на изградба, реконструкција и надградба на постојните земјени велосипедски патеки на Осоговските Планини. Од нив две се на релација од браната Грaтче до планинскиот рекративен центар Пониква и обратно, со должина од по 15 км, а третата планинска велосипедска патека е долга два километра и води од круната на браната до водопадот во нејзина близина. Патеките ќе бидат означени со патокази, со уредени места за одмор, видиковци, клупи, канти за отпад и друга урбана опрема, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Велосипедската тура беше со должина од 15 километри, а се возеше на релацијата Кочани – Грдовци – Мојанци – Долни Подлог – Горни Подлог и назад.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2020 22:30