Претседателот на државата Стево Пендаровски, денеска на проштална средба ја прими Кеико Ханеда, амбасадорка на Јапонија во Република Македонија.

На средбата, соопштија од кабинетот на Пендаровски, се разговарало за пријателските односи меѓу двете држави кои во изминатите години бележат нагорен тренд, при што било изразено очекување за натамошно нивно продлабочување во сите сфери од заеднички интерес, особено на економски план.

– Соговорниците констатираа дека Јапонија е голем поддржувач на нашата земја за интеграција во евроатлантските структури и придава големо значење за стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, а каде што стабилниот развој на Република Македонија има значајна улога, стои во соопштението.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за постојаната финансиско-техничка помош што Јапонија и ја доделува на нашата држава од нејзиното осамостојување до денес, при што била истакната јапонската поддршка за осовременување и унапредување на здравствениот сектор, што во услови кога се справуваме со пандемијата предизвикана од Ковид-19 е повеќе од драгоцена.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман на амбасадорката Кеико Ханеда, која воедно беше и прв резидентен амбасадор на Јапонија во Република Македонија, претседателот Пендаровски и посакал успех во натамошниот нејзин професионален ангажман.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2020 15:11