Најголемата косовска опозициска партија Движење самоопределување (ВВ) побара од Собранието да свика седница на која премиерот Авдулах Хоти ќе поднесе извештај за стоте дена од работата на неговата Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на партијата на доскорешниот премиер Албин Курти се вели дека ниту една влада досега „за едно волку кратко време не нанела толку штети на земјата“ како оваа што ја предводи Хоти.

– Овие 100 дена владеење се проследени со одлуки кои се штетни за интересите на Косово, неспособност за владеење во интерес на граѓаните и бројни концесии кон Србија. Никогаш порано за едно волку кратко време не се нанесени толку штети на земјата. Токму поради тоа, потпретседателката на Собранието, Арберие Нагавци денеска побара да се повика Авдулах Хоти да реферира во Собранието, се вели во соопштението на ВВ.

Актуелната влада, според опозициската партија, мошне неуспешно се справува и со пандемијата на Ковид-19.

– Од речиси нула заразени во деновите кога ја презеде должноста, ја претвори земјата во жариште на заразата во Европа. Од пример за менаџирање кое беше вреднувано на глобално ниво, го однесе Косово на чело на листите на земји со најтешка состојба со Ковид-19 и најголем број смртни случаи во светот, вели партијата на Курти, кој беше премиер на Косово од 3 февруари до 3 јуни годинава, кога се избра новата влада, предводена од Хоти.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2020 16:14