Грчката економија може да издржи втор целосен карантин, рече министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас говорејќи за грчката телевизија „Скај“ и објасни дека во меѓувреме, по првите рестриктивни мерки Владата „изгради ликвидност за да биде во можност да се справи со тешкотиите“, што евентуално би се појавиле, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа дали се подготвуваат за втор карантин, Стајкурас објасни дека тоа не е тема за која одлучува Министерството за финансии, додавајќи дека Владата носи одлуки согласно препораките на експертите.

-Најважно е јавното здравје, здравјето на граѓаните, безбедноста на граѓаните, а потоа е економијата. Јасно е дека сме подготвени да го издржиме товарот на евентуална владина одлука за да ги ограничиме можните неповолни економски и социјални последици, истакна Стајкурас и објасни дека во овој момент, земјата располага со 37,7 милијарди евра, но секоја седмица се менуваат податоците.

За рецесијата во земјата, министерот за финансии рече дека сценариото и процената е дека за 2020 година ќе биде околу осум отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2020 16:17