Секој оној кој го слави неуспехот на француската иницијатива насочена кон тоа лидерите на различните фракции во Либан да формираат нова влада, ќе жалат што ја испуштија оваа можност, изјави денеска Саад ал-Харири, водечкиот либански политичар од редови на сунитските муслимани.

-Ние им кажуваме на оние кои денеска го поздравуваат неуспехот на иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон дека ќе си ги гризаат прстите од жалење за неа, рече Ал-Харири, цитиран од британските медиуми.

Новоназначениот либански премиер, Мустафа Адиб, денеска поднесе оставка поради политичкиот ќор-сокак во формирањето на владата, само еден месец откако претседателот Аун го назначи на функцијата.

Американските медиуми проценуваат дека денешната објава на Адиб им задава удар на напорите на францускиот претседател Емануел Макрон за надминување на „опасниот застој“ во оваа земја погодена од сериозна криза.

Макрон вршеше притисок врз либанските политичари да формираат влада составена од независни експерти кои можат да работат на итни реформи за извлекување на Либан од економската и финансиска криза, влошена од експлозија на пристаниште во Бејрут на 4 август.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2020 14:08