Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со објава на својот Фејсбук профил информира дека заедно со министерот за здравство Венко Филипче и директорот на БЈБ Сашо Тасевски го посетиле полицаецот кој ноќва додека извршувал службени дејствија во близина на фабриката ОХИС бил удрен и повреден.

– Посетивме наш колега во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, кој ноќва, додека извршувал службени дејствија во областа на сообраќајот на бул.„Борис Трајковски“, во близина на фабриката ОХИС, беше удрен и повреден со возило „цитроен берлинго“, управувано од А.Д.(19) и сопатник К.М.(21), кои побегнале од местото, напиша Спасовски.

Тој информира дека по насока на Јавен обвинител двете лица се пронајдени, приведени и против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

– Се надеваме дека повредениот полициски службеник што поскоро ќе закрепне и ќе се врати повторно да им служи на граѓаните. Нагласувам дека напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки нема да се толерираат, а насилниците мора да одговараат, напиша Спасовски на својот Фејсбук профил.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2020 18:38