Ерменија го обвини Азербејџан за напад врз цивилни населби во регионот Нагорно Карабах и го повика населението во спорниот регион да побара засолниште.

Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека неговите трупи собориле два азербејџански хеликоптера и три беспилотни летала како одговор на нападот, за кој велат дека започнал против цивилните населби, вклучувајќи ја и регионалната престолнина Степанакерт.

„Нашиот одговор ќе биде пропорционален и воено-политичкото раководство на Азербејџан носи целосна одговорност за ситуацијата“, се вели во соопштението на ерменското Министерство за одбрана.

Министерството за одбрана на Азербејџан, пак, соопшти дека започнале воена операција на „контактната линија“, во голема мерка минирана ничија земја.

Министерството соопшти дека бил соборен азербејџански хеликоптер, но неговиот екипаж преживеал.

Двете поранешни советски држави веќе долго време се во конфликт поради главно етнички насленеиот ерменски регион Нагорно-Карабах, а граничните судири се интензивираат во последните месеци.

Министерството за надворешни работи на Ерменија ја осуди „агресијата на воено-политичкото раководство на Азербејџан“ и додаде дека ерменската страна ќе даде соодветен воен и политички одговор.

Етничките Ерменци во Нагорно Карабах прогласија независност за време на конфликт што избувна при распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Иако во 1994 година беше договорено примирје, Азербејџан и Ерменија често се обвинуваат едни со други за нападите околу Нагорно Карабах и долж одделната азербејџанско-ерменска граница.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2020 11:16