Австрискиот министер за здравство Рудолф Аншобер истакнува дека Владата сака да спречи ново затворање на економијата и општеството со сите свои сили и дека таквата мерка може да се случи само доколку контролата над ситуацијата целосно се изгуби.

Аншобер за виенскиот дневен весник „Естерајх“ изјави дека Австрија сега се соочува со пресврт – стабилизација и постепено подобрување во најдобар случај или 2.500 случаи на инфекција на ден во најлош случај.

На прашањето дали тоа најлошо сценарио ќе значи ново затворање, Аншобер рече дека дури и со тие бројки, тоа нема да се стори.

„Ново затворање може да следи само ако целосно ја изгубиме контролата, ако се урне нашиот здравствен систем, а тоа е она што е предвидено со Законот за Ковид. Се уште сме далеку од тоа”, изјави Аншобер.

Говорјќи за моменталната состојба, тој рече дека зголемувањето на бројот на новоинфицирани на 7 и 8 септември е многу загрижувачко, и дека сега растот е успешно запрен, а бројот е стабилизиран, иако се уште е на високо ниво.

Аншобер додаде дека причините за тој раст се повратниците од одмори, но и забавите по регионалните спортски настани и непочитувањето на работното време во угостителските објекти, како и приватните забави.

Според него, врз основа на воведените мерки, бројот на заразени значително ќе се намали во првата половина на октомври.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2020 11:22