Отвореното првенство во тенис на Британија ќе се одржи следната година дури и без навивачи на трибините.

Турнирот беше откажан во 2020 година за прв пат по Втората светска војна поради коронавирусот, во кој загинаа повеќе од 42.000 луѓе во Велика Британија. Организаторите на тенискиот клуб „Ол Ингланд Лоун Тенис Клаб“ (АЕЛТЦ) не сакаа да го одржат натпреварувањето без гледачи оваа година, но успехот на УС Опен и другите спортски настани им го смени мислењето, пренесува „Тајмс“.

Флешинг Медоус се одржа без приврзаници, а тенисерите беа во „меур“, додека „Ролан Гарос“ дозволи 1.000 луѓе на ден.

– Активно го планираме следното издание на Вимблдон и разгледуваме различни опции во моментот, со оглед на тоа што останува уште некое време до турнирот, се вели во соопштението на организаторите на „Вимблдон“.

Сепак, тие додадоа дека е рано да се дадат последни предвидувања.

„Вимблдон“ имаше осигурување за пандемијата оваа година, но нема да има следната година, што значи дека ново откажување на турнирот ќе има огромен финансиски ефект врз британскиот тенис.

Енди Мареј, двократен шампион на турнирот, повика Гренд слем турнирот да се одржи со или без навивачи, а мислењето на поранешниот број 1 беше споделено со организаторите, според објавените информации.

Следниот „Вимблдон“ е закажан за 28 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2020 23:44