Специјалниот пратеник на Европска Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак изјави дека конечен договор меѓу Косово и Србија не може да биде постигнат доколку не се формира Заедницата на општини со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција на крајот од неговата тридневна посета на Приштина, Лајчак нагласи дека Косово, според договорот со посредство на Брисел од 2013, ја презеде обврската за формирање на Заедницата и таа обврска мора да ја исполни.

– Ако нема волја за договор, тогаш тој нема да се постигне. Ако нема договор нема нормализација на односите, а не може да има договор без Заедницата. Ние не бараме повторно да се отвори тој текст, туку само да се имплементира тоа што е потпишано, рече Лајчак, нагласувајќи дека во минатите три дена не сретнал „ниеден партнер кој има проблем со тоа прашање“.

Тој информира дека на средбите во Приштина станало збор и за прашањето на исчезнатите и раселените лица од последната војна во Косово, како и за економски теми.

– Разговаравме и за прашањето на исчезнатите и раселените лица … како битно прашање за помирувањето. Зборувавме и за економски прашања, кои се мошне значајни, затоа што ја симболизираат регионалната соработка и во овој правец имаме голем напредок, изјави европскиот емисар.

Лајчак допатува во Косово завчера и имаше средби со највисоките државни и политички претставници на земјата, како и со странски дипломати акредитирани во Приштина и со претставници на граѓанските организации. Денеска ќе отпатува во официјална посета на Белград, каде што, според најавите, вечерва ќе се сретне со претседателот Александар Вучиќ, а потоа и со други претставници на државниот и политички врв на Србија, на дипломатскиот кор и на невладиниот сектор.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 18:49