Дијалогот мора да продолжи, Србија е посветена на постигнување компромис и се што е договрено мора да се исполни, е заеднички став на српскиот претседател Александар Вучиќ и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, по нивна вечерашна средба.

Српскиот претседател разговорите ги оцени како конструктивни и кажа дека е „подобро да имаме дијалог, отколку да не разговараме, подготвени сме за дијалог и ќе одиме во Брисел на разговори со цел постигнување компромисно решение и нормализирање на односите”.

– Целосната имплементација на Бриселскиот договор е услов без кој не се може за успешност на дијалогот, оцени Вучиќ на прес-конференција по средбата.

Тој образложувајќи го договореното во однос на Заедницата на српски општини (ЗСО), кажа дека „Приштина ја избегнува својата обврска со овој договор и дека Србија ќе инсистира на имплементација на договореното”.

– Зошто водевме преговори со Приштина? Очевидно дека некои луѓе немаа доволно храброст, на својата јавност да и кажат дека сите решенија се идеални… Секое решение за кое разговараме е тешко. Но подобро е така, отколку да им оставиме на нашите деца да војуваат во иднина. Мораме да сфатиме дека во наш интерес е да имаме компромис и дека мирот и компромисот не се пораз, истакна Вучиќ.

Лајчак изјави дека на крајот од дијалогот не треба да има ниту едно отворено прашање и дека е разговарано за прашања кои досега не се отворени во дијалогот, како и за оние за кои е постигнат договор, а не се исполнети.

– Мене ми е разбирливо дека некои прашања предизвикуваат емоции поради нивната тежина, но она што е важно е „се што е договорено, мора да се оствари и да се исполни”, нагласи Лајчак.

Тој посочи дека во Приштина имал повеќе состаноци и дека на сите нив е постигнат заклучок дека процесот на дијалог продолжува и се што е договорено мора да се исполни.

– Следен чекор е да се разговара за статусот на ЗСО, и тие преговори ќе се водат во Брисел, изјави Лајчак.

Тој оцени дека е против давање рокови за решавање на косовското прашање, ниту вештачки да се забрзува процесот, ниту да се одолговлекува, напоменувајќи дека овој процес е врзан со европерспективата на двете страни.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 23:16