Лидерот на најголемата албанска опозициска политичка сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, изјави дека секој трет албански граѓанин не може да ја обезбеди потребната количина на храна.

– Ситуацијата е влошена, многу граѓани останаа без работа. Секој трет албански граѓанин не може да ја обезбеди потребната количина на храна за да преживее. Бизнисите се на работ на банкрот. Нема да се заморувам да повторувам дека албанската држава мора да ја исполни својата обврска кон даночните обврзници и да ги стави на располагање фондовите, рече Баша во директна комуникација со граѓани.

Во видеозаписот што го објави, сопственик на фурна за леб и бели печива, вели дека обемот на работа е многу намален а давачките кон државата се високи.

– На луѓето им е потребна поддршка денес. Нашиот план му помага на секој Албанец во тешкотија. Времето не чека, порача Баша.

Во врска со состојбата со пандемијата со Ковид-19, тој обвинува дека граѓаните немаат пари за да се тестираат и додава дека „пари државата има но се крадат“.

– Стотици граѓани не можат да си дозволат да се тестираат иако тоа им е потребно зашто немаат финансиски средства. Поддршката за здравствениот систем во нашата земја е најмала во Европа. Пари има, но се крадат наместо да одат за тестови и заштита на здравјето на граѓаните. Бројот на нови случаи со Ковид-19 рапидно расте а бројот на направените тестови опаѓа, обвинува Баша.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2020 15:58