Талентираниот млад картинг натпреварувач Христо Ковачи, ентузијастички ја заокружи оваа година со реализирани петнаесет трки под капата на „Ковачи рејсинг тим“. Предизвикот беше голем но и искуството побогато земајќи учество на различни патеки, во Словенија, Австрија, Србија и Унгарија. Последната трка за оваа година беше предвидена Италија, беше откажана.

Христо 2020 година зема учество во 4 шампионати, ЦЕЗ -Централно Европска Зона, РМЦ- Австрискиот Шампионат, Српскиот Шампионат и ССЦ-Спорт Стил Куп.

– Поради целата ситуација со пандемијата Христо немаше тренинг 5 месеци, доколку имаше тренинзи ќе очекувавме подобри резултати. Другите натпреварувачи од различни земји тренираа на истите стази на кои се одвиваа трките и им беа достапни и познати, за разлика од Христо кој тие стази ги виде прв пат и му беа далечни за тренинг. За пласман во ЦЕЗ ги очекуваме официјалните резултати, додека на австрискиот шампионат од вкупно 27 учесници со 3 трки помалку извозени заврши 17-ти во генерален пласман. Во ССЦ-Спорт Стил Куп и Српскиот шампионат генерален пласман заврши 4-ти. Трките и целата атмосфера создадоа многу убави моменти и спомени за него. Нема да заборавам кога во една од трките во конкуренција од 25 учесници Христо заврши на 12-то место. Кога ја симна кацигата очите му блескаа од радост и половина час со возбуда и восхит раскажуваше на целиот тим за тоа колку многу напор вложил и колку е среќен што го постигнал тоа, објави тимот Ковачи рејсинг тим.

Следната година од „Ковачи рејсинг тим“ очекуваат подобри резултати, предност е тоа што Христо ги возел тие патеки и ќе му биде полесно да ги совлада, а со тоа и ќе остварува подобри временски резултати.

– Христо станува уште поконкурентен, за следната сезона се надеваме дека и други компании ќе не подржат со цел професионално да се посветиме на тренинзи и техничко подобрување за подобри резултати. Воедно би сакале да се заблагодариме на ТОТАЛ ТВ кој ни беше поддршка оваа година а за наредната очекуваме поголем интерес за инвестирање во овој спорт, додаваат од Ковачи рејсинг тим.

Христо Ковачи е вицешампион во Македонија и трето место во генералниот пласман во Бугарскиот шампионат, како и второ место предфинално на балканскиот куп во Бугарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2020 13:40