Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го честиташе празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, нагласувајќи дека оваа година навршуваат 127 години од формирањето на ВМРО, и 30 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

– ВМРО е живо. ВМРО е пркост, пиреј, аманет, обврска, должност почитување. ВМРО е нашата сила, но и нашата слабост. ВМРО се Илинденците, Партизаните, Асномците. ВМРО е потта на земјоделците, крикот на младите, волјата на спортистите, надежта во обединета Европа. Љубовта кон земјата од уставобранителите. ВМРО е чекањето за подобра иднина и немирот за слобода, правда и човечко достоинство. Ако ВМРО е нашата икона во која веруваме, тогаш Македонија е храмот, домот на таа икона. И се додека ВМРО е пламенот, Македонија е тука и жива. Нека ни е честит и вековит денот и да си го славиме уште многу лета, заклучи Мицкоски.

Тој порача дека и во минатото и денес ВМРО постои за Македонија.

- Денес во едни тешки услови за нашата татковина се собравме да го одбележиме 23 октомври, денот на Македонската револуционерна борба, денот кога е формирана Македонската Револуционерна Организација, она што прерасна во 4-те свети букви - ВМРО. Оваа година се навршуваат 127 години од нејзиното формирање и 30 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

А ВМРО и тогаш и денес постои за Македонија. 6-те апостоли која формираа оваа организација, потоа која што прерасна во движење кое изроди многу херои на револуционерното дело, за жал не дочекаа да видат самостојна македонска држава, но нивните потомци партизаните чии одреди ги носеа имињата на комитите и војводите илинденците дочекаа да. Тие дочекаа да имат своја самостојна независна македонска држава. И оттука можеме да кажеме дека и основачите успеа зошто тие беа искрата која го запали огнот кој подоцна стана пламен и крик за своја самостојна македонска држава.

ВМРО е создадено за создавање на држава, каде има слобода и правда. Денес имаме држава, но немаме ниту слобода, ниту правда. Немаме затоа што со државата владее политичка мафија. Ако Груев, Татарчев, Поп Арсов, Хаџиниколов, Батанџиев, Димитров беа моралната тврдина околу која се ѕидаше македонската борба за слобода, за жал денешната власт е клинот со кој тула по тула се разѕидува таа тврдина составена од скапо платени тули на крв, страдања, одрекувања и човечки судбини.

И не попусто се обраќам во близина на споменикот на основачите на ВМРО и не залудно нивното лице е свртено кон македонското собрание како потсетник затоа што ова собрание постои, постои и затоа тоа треба да постои исклучиво за интересите и волјата на македонските граѓани, а пратениците внатре да бидат слуги на тие што ги бираат, тоа се македонските граѓани.

Но, дали дел од тие пратеници внатре кои што слугуваат на оваа политичка мафија заслужуваат глас од македонските граѓани. Мојот одговор а и убеден сум дека мнозинството на македонски граѓани ќе се сложат со мене, дека најмалку не го заслужуваат тој глас, додаде Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2020 17:12