Со пригодна свеченост, Општина Делчево денеска го чествуваше Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври.

По тој повод, за значењето на овој празник, членовите од КУД „Гоце Делчев" од Делчево подготвија пригоден реферат, а пред споменикот на Гоце Делчев во центарот на градот, се поклонија и букети свежо цвеќе положија делегација од Општина Делчево и од Советот на Општина Делчево, како и претставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани.

– Денешниот датум во македонската историја е запишан како ден на основањето на Македонската револуционерна организација. Согласно со историските податоци, на 23 октомври 1893 година во Солун се поставуваат основите на организацијата којашто ќе стане симбол на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет, истакнаа во говороот пред присутните членовите на КУД „Гоце Делчев" од Делчево.

Одбележувањето на „23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба" се организираше со почитување на протоколите и мерките за превенција од Ковид-19, поради што, како што додадоа, организаторите и бројот на присутни беше ограничен.

На настанот не присуствуваа претставници на Општинската организазија на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму најавија почит кон великаните на македонската револуционерна борба да им биде оддадена по завшрувањето на официјалниот настан.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2020 17:43