Некогашното ѓубриште покрај брегот на Вардар во селото Балиндол е претворено во уреден парк и простор за рекреација на деца со повеќе реквизити. Новата содржина ќе го разубави просторот и ќе биде од корист за сите селани и за преку сто деца, вели претседателот на месната заедница Балиндол Тефик Нуредини.

Тој напомена дека новиот парк е завршен проект по остварената соработка со локалната самоуправа. За уредувањето на просторот со површина од околу 3.000 квадратни метри заеднички работеа и вложуваа Општината и жителите на Балиндол.

Уредувањето на просторот го изведе ЈП Паркинзи и зеленило, кои покрај расчистувањето на теренот, засадија дрвја, уредија украсни оази, тротоари, поставија јавно осветлување и две чешми.

На официјално предавање во употреба, дојде и градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари кој напомена дека во Балиндол, општина Гостивар има инвестирано во повеќе проекти за да се подобри квалитетот на животот на жителите.

– Оваа инвестиција не беше во предизборната програма, исто како и десетината други паркови и детски игралишта, но граѓаните побараа и ние излеговме во пресрет. Најмногу заради младите кои сега заедно со родителите можат да престојуваат и да рекреираат во современо уредни простори. За изминативе три години направени десетина детски катчиња во градот и селата, а направивме и едно специјално за деца со попреченост. Плановите ни ги пореметија изборите и корона-кризата, но следната година ќе направиме уште најмалку десетина, рече Таравари.

Тој посочи дека од општинската каса се издвоиле средства за изградба на стадионот, реновирање на училиштето, поправка и санација на повеќе улици и беше обезбедена вода за пиење за сите делови од селото. Таравари нагласи дека во моментов привршува на поставување и замена на замена на старите цевки од водоводната линија, која беше дотраена и од азбест.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2020 22:36