Министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, дека веќе имало испорачан договор сличен на Преспанскиот кој предвидува уставни измени рече дека веднаш реагирал на таа изјава.

-Јас реков дека постојат сет на идеи од едната, од другата страна, од сите инволвирани во процесот како да се надминат прво разликите во очекувањата. Прво, дали има динамика на имплементација, дали може да се направи нешто побрзо, која би била таа динамика, што може да го забрза процесот, некои дополнителни дилеми коишто се појавија во меѓувреме, а не се дел од Договорот како што е на пример – разликите по однос на новото кратко име на државата, по однос на резолуциите на Советот на Европа, појасни Османи.

Во односн на средбата на 10 ноември во Софија и дали има можност за средба порано од Берлинскиот процес, Османи рече дека прашањето дали ќе има претходна средба зависи од многу фактори, вклучувајќи ги и разговорите коишто ги водат на дневна основа.

-Ние комуницираме, комуницирам јас со мојата колешка Захариева, меѓутоа комуницираат и двете министерства на дневна основа по однос на овие разлики, истакна Османи.

Според министерот, проблемот со македонскиот јазик кој го имаат Бугарите е во различната интерпретација по однос и на таа дефиниција што значи според Уставот на Република Македонија тогаш, сега Република Северна Македонија.

– Поврзано е со потеклото на јазикот. Спорот е заради нивниот став дека треба да се признае историскиот контекст на генезата на јазикот. Меѓутоа, нашиот став е дека прашањето на јазикот не е прашање кое што се регулира во меѓудржавните односи тоа е прашање кое што произлегува од правото на самоопределување и на самоизјаснување на граѓаните, рече Османи.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2020 02:17