Општина Чашка во Богомила, во Спомен куќата на Петар Поп Арсов го одбележа 23 октомври Ден на македонската револуционерна борба.

По тој повод делегација на Општина Чашка, предводена од градоначалникот Горан Стојановски, претставници на Советот на Општината, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска, националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, претставници на јавните институции, пратеници од Собранието, здруженија на граѓани и политички партии, денеска положија свежо цвеќе пред Спомен куќата на еден од основоположниците на македонската револуционерна организација, Петар Поп Арсов во Богомила. Потоа присутните се запознаа со документите и предметите во Спомен куќата на Петар Поп Арсов.

Градоначалникот Горан Стојановски во изјавата за МИА истакна дека на овој ден со гордост се сеќаваме и поклонуваме на македонските револуционери и ја чествуваме нивната пожртвуваност, истрајност и волја за слобода, правда, еднаквост, независност и сопствена државност.

Поради актуелната состојба со Ковид-19, настанот беше организиран согласно насоките и мерките за заштита од ширење на коронавирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2020 02:25