Земјоделците да престанат да ги палат стрништата, бидејки се една од најчестите причини за предизвикување пожари. Ова е апелот на надлежните од делчевската противпожарна служба, откако на неколку локации е забележана оваа појава која освен што е штетна по човековата околина е и голем ризик за појавата на пожари.

– Знаеме дека е период кога земјоделците ги прибираат и последните земјоделски култури, а остататокот од растителниот отпад го палат заедно со дувата трева и стрништата во близина што не е дозволено. Со цел да не дојде до ризик од пожари апелираме да го складираат таквиот отпад и да го транспортираат до депонијата за таква намена, велат од ТППЕ Делчево.

Тие информираат дека сите оние кои ќе забележат такви појави да ги пријават до надлежните.

-За да се избегнат казни за овој прекршок пожелно е да се одбегнат ваквите појави. Сепак доколку дојде до несакани проблеми апелираме до граѓаните да го пријават случајот, додаваат од ТППЕ Делчево.

Од делчевската противпожарна служба велат дека годинава за среќа помал е бројот на пожари од минатата година. Годинава како што додаваат поголем дел од интервенциите кои ги имале се на пожари во затворен простор.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2020 01:47