Шест лица се уапсени во Шпанија, откако полицијата во соработка со американската Агенција за борба против дрога (ДЕА) заплени 560 килограми кокаин.

Во акцијата наречена „Династија“ уапсени се двајца српски и четворица шпански државјани, кои веќе и биле познати на полицијата, а се претпоставува дека криминалната група е поврзана со таканаречениот „балкански картел“.

Локалните медиуми објавија дека се уапсени членови на групата „Слаткари“, која дејствува во Ријас Бајкас во Галиција, предводена од Херардо Ријал Иглесиас.

Постои сомнеж дека Иглесиас веќе 25 години криумчари дрога во соработка со балканскиот картел, соопшти шпанската цивилна гарда.

– Брегот на Галиција поради својата положба стана една од клучните точки за влез на кокаин во Европа. Балканскиот картел, инаку, има свои луѓе и во Јужна Америка, па не користат посредници при снабдување со кокаин, а во Шпанија имаат своја соработничка мрежа, се наведува во соопштението на шпанската полиција.

Запленетата дрога е пронајдена во една изнајмена куќа во галиција, а нејзината вредност се проценува на 15 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2020 15:09