Без соодветно професионално подготвени кадри, реформите во правосудниот систем би биле невозможна мисија. Да помогнат во исполнување на еден од условите за членство на нашата држава во ЕУ – правосудство, интерес пројавиле 497 кандидати кои ќе се борат да го исполнат критериумот за прием на едно од 97-те места за слушатели во регрутниот центар, Академијата за судии и јавни обвинители.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинитеи Наташа Габер Дамјановска во интервју за МИА вели дека право на полагање на приемниот испит ќе имаат само оние кои ги исполниле условите предвидени со Законот за Академијата, а се наведени во јавниот оглас.

Таа појаснува дека кандидатите треба да го поминат психолошкиот тест, кој, според неа, има цел да ги афирмира кандидатите за вршење на судиската и јавнообвинителската функција, врз основа на структурирани психолошки тестови кои претставуваат посебно структурирана формулација со чија помош се согледува целосната слика во однос на тоа дали кандидатот е подобен за вршење на судиска и јавнообвинителска функција.

Габер во интервјуто информира дека од шеста генерација на Академијата, 13 кандидати веќе се избрани за судии во пет основни судови во државава, во кривичен, управен и граѓанскиот суд и 18 кандидати за јавни обвинители во пет основни јавни обвинителства. Од шестата генерација која броеше 37 кандидати уште шест чекаат на избор.

Реформите во правосудниот систем се високо на агендата на Владата, но и обврска во исполнувањето на условите за членство во ЕУ. Каква е улогата на Академијата во овие реформи?

Првенствено, мора да се има предвид дека Академијата за судии и обвинители како институција која постои и функционира во рамките на правосудниот систем на Република Северна Македонија уште од 2006 година, има круцијална мисија и улога за регрутација и обезбедување на стручни, професионални и со интегритет кадри за потребите на судовите и јавните обвинителства. Верувам дека без соодветно професионално подготвени кадри, реформите во правосудниот систем би биле невозможна мисија, а позитивните развојни промени кои по природен пат ги носат со себе новите помлади генерации, очекувајќи тие секогаш да бидат подобри од своите претходници за да се обезбеди растеж, не би се реализирале на потребниот степен. Новите хоризонти, начини на размислување, правен пристап и толкување, но и аспекти на правото кои се отвораат пред нашите правни практичари не би биле остварливи без претходна нивна едукативна подготовка. Истовремено, би требала да се нагласи важноста и на континуираната обука, чија улога е константно да ги информира и едуцира актуелните судии и обвинители, но и другите стручни категории вработени во органите на правосудството за новата пракса поврзана со нивната работа, споделените продлабочени домашни и странски сознанија и законски новели од областите од нивен интерес.

Заврши јавниот оглас за прием на 97 слушатели во почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители. Колку кандидати се пријавија за VIII генерација кои ќе се обидат да го поминат приемниот испит за предвидените места?

На јавниот оглас за прием на 97 слушатели во почетната обука за VIII генерација кој Академијата го распиша на 24 септември 2020 година се пријавија вкупно 497 кандидати. Право на полагање на приемниот испит ќе имаат само оние кои ги исполниле условите предвидени со Законот за Академијата, а наведени во јавниот оглас. Комисијата за приемен испит на Академијата ги разгледува сите поднесни апликации до Академијата и ја утврдува нивната уредност и навременост. Кандидатите на кои им се отфрлени пријавите имаат право во рок од три дена да поднесат жалба до Управниот одбор на Академијата, по што Управниот одбор во најкус можен рок ќе ја уважи или отфрли жалбата. Приемниот испит се состои од полагање на: квалификациски тест, писхолошки тест, тест за интегритет и испит кој има за цел проверка на севкупните правни знаења и способности на кандидатите за прием на посетување на програмта за почетна обука, а се состои од практиечн и устен дел. Со измените на Законот за Академија од 2018 година се воведе и полагање на тест за активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, германски и француски) ниво Б1. Полагањето на тестот за познавање на јазик е елеминаторен, односно, оние кои нема да го положат немаат право да продолжат понатаму. Академијата очекува целокупниот процес да трае околу една година.

Против резултатите од психолошкиот тест и тестот за интегритет не е дозволен посебен приговор, има ли реакција од кандидатите за овој член од Правилникот за полагање на приемниот?

Согласно членот 18 од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители( „Службен весник“ бр.77 од 12. 05. 2015 година), психолошкиот тест има за цел да ги афирмира кандидатите за вршење на судиската и јавнообвинителската функција, по пат на проверка на социјалните способности, врз основа на структурирани психолошки тестови што ги изготвуваат и спроведуваат стручни лица. Видот, поблиската содржина, бројот на задачите, времетраењето на тестот и критериумите за оценувањето ги одредува овластената институција, согласно психолошката наука и практика. Психолошкиот тест не познава точно или неточно одговорено прашање, туку истиот претставува посебно структурирана формулација со чија помош се согледува целосната слика во однос на тоа дали кандидатот е подобен за вршење на судиска и јавнообвинителска функција, водејќи се чисто од одговорите на кандидатот на посебните аспекти од тестот, а кои се следните: прашалник за односот кон работата (има за цел да го утврди односот на кандидатот кон завршување на работните задачи), тест за когнитивните способности (има за цел утврдување на способности за апстрактно резонирање и логичко расудување на кандидатот) и тест за личноста на кандидатот (има за цел утврдување на определени лични карактеристики од важност за вршење на функцијата на судија или јавен обвинител). Воедно, сите овие аспекти на тестот ја мерат целокупната подобност на кандидатот за вршење на функцијата, па затоа и резултатите од тестот се описни, односно тестот се оценува со оценка: „задоволува“ или „не задоволува“. Исто така, кога кандидатите поднесуваат приговори против психолошкиот тест и тестот за интрегритет треба да го имаат предвид членот 66 став 5 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, во кој се вели дека не е дозволен посебен приговор против резултатите од овие тестови. Всушност, приговор се дозволува за стручниот (правен) дел од испитот до Комисијата, а потоа жалба до Управниот одбор, за квалификацискиот дел и за практичниот дел од испитот, бидејќи тоа може да се цени од стручен аспект од телата на Академијата (Управен одбор и Комисијата за приемен испит), тела кои впрочем се составени од правници, докажани судии и јавни обвинители. Кандидатот има право да поднесе и жалба против одлуката на Управниот суд до Вишиот управен суд во рок од три дена од денот на приемот на одлуката на Управниот одбор.

Можете ли да ни дадете еден пример од „овластената институција“ како го спроведува тестот за интегритет од приемниот испит. Врз што се заснова тестот?

Изборот на најдобрите од најдобрите Академијата го спроведува неселективно со еднакви можности за сите кои ќе се пријават на јавниот оглас кој го распишува Академијата. Постапката за спроведување на испитите е регулирарна со законските и подзаконските акти на Академијата кои строго се почитуваат. Тестот за интегритет се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршењето на професиите судија и јавен обвинител и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатите. Тестот се спроведува во писмена форма, анонимно врз основа на стандардно утврдена листа на прашања, а воедно, составен дел од тестот за интегритет е и проверка на себепроценка. При спроведувањето на овој тест како и за психолошкиот тест Академијата води сметка за заштита на личните податоци, угледот и достоинството на кандидатите.

Дали во тестовите од практичниот испит во студија на случај, во прашањата од Приемната комисија има случаи од предметите кои ги започна поранешното СЈО и доколку има, какви се одговорите на кандидатите?

Студиите на случај кои се дел од практичниот испит за прием во Академијата ги составуваат предавачите на Академијата. Студиите на случај се верификувани од Програмскиот совет на Академијата и истите се базираат на предмети кои се деперсонализирани.

За приемот на VII генерација минатата година имаше обвинувања дека во приемниот дел имало прашања од закони кои веќе не важат и дека кандидатите биле доведени во заблуда при полагањето. Дали оваа година се соочивте со таков проблем?

Сметам дека ваквата констатација е неиздржана од прична што Академијата вложува навистина големи напори во навремена подготовка на кандидатите за успешно поминување на приемниот испит. Да не се заборави дека Академијата спроведува задолжителна подготвителна настава за сите пријавени кандидати на јавниот оглас, на која кандидатите имаат можност да се запознаат со процесот на приемниот испит, преку симулација на одделните делови од приемниот испит со што се обезбедува начелото на јавност и еднаков и објективен пристап. Сите сме свесни дека законите многу често се менуваат и од тие прични Академијата редовно ја ажурира својата база на прашања. Воедно, Академијата во поткрепа на транспарнетноста во работењето за секој чекор што се презема од моментот на објавување на јавниот оглас па се до финалната фаза, т.е., отпочнување на теоретската настава редовно ја известува јавноста преку објава на известувања и релевантни информации на својата веб страница и ФБ профилот. На располагање на сите заинтересирани е опцијата „често поставувани прашања“ на веб страната на Академијата, каде секој може да постави прашање кое е од негов интерес, а е поврзано со работата на Академијата. Нашата стручна служба во најкус можен рок доставува одговор.

Минатата година беа подготвени измени и дополнувања на Законот за Академијата кој имаше цел да го ревидира начинот на селекција и полагање на приемниот и завршниот испит пред стручна комисија. Законот не помина во Собранието. Дали очекувате наскоро донесување на измените и колку, според вас, реално ќе помогнат овие измени?

Со предложените измени и дополнувања на Законот се предвидува промена на редоследот на приемниот испит, поточно, прво ќе се полага тест за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија, потоа следи психолошки тест, тест за интегритет, квалификациски и на крај испит составен од практичен и устен дел. Квалификацискиот тест наместо досегашните 5 ќе има 3 понудени одговори од кои еден е точен, два се неточни и истите се бодуваат со 0. Се менува прагот на положување, наместо 40,5 бода од можни 100 бода за влез, сега ќе бидат потребни 71 бод од можни 100 бода. Во однос на практичниот и усниот дел од испитот начинот на полагање и бодирање кој претходно се уредуваше со Законот за академија, сега ќе се уредува со подзаконски акт на Академијата.

Во Академијата трае обуката на 60 слушатели од седмата генерација, како се одвиваат предавањата и дали просторот на Академијата ги задоволува потребите со оглед на тоа што се зголемува бројот на слушатели?

Во моментов во Академијата се одвива обуката за 60 слушатели на седмата генерација која започна да ја следи наставата на 16 септември 2020 година. Обезбедување на соодветни просторни капацитети на Академијата е повеќе од потребен. Бројот на слушателите, како и активностите на Академијата секоја година се зголемуваат, а недостигот од просторно доекипирање на Академијата е нотиран дури и во неколку извешти на Европската комисија за напредокот на РСМ. Во овој момент Академијата работи на прибавување на потребна документација со цел да се обезбеди нова зграда која ќе одговара на потребите на Академија во однос на непречено одвивање на нејзините активности.

Имате ли можности да се спроведат мерките за заштита од коронавирусот за време на предавањата и каков е планот за дисперзираните обуки во градовите низ државава во услови на пандемија

Здравствената светска криза предизвикана од вирусот Ковид 19 беше причина поради која Академијата беше принудена да го измени досегашниот традиционален начин на реализација на програмата за почетна обука. Секако, навремено подговена, следејќи ги препораките и мерките на Владата на Република Северна Македонија, Академијата на почетокот дозволи одвивање на наставата со физичко присуство на слушателите, пришто, две големи сали наменети за обуки беа пренаменети целосно за слушателите на почетна обука. Слушателите се поделени во две групи, и следат настава во различни простории со цел да се обезбеди потребното растојание од два метри. Академијата води сметка постојано на располагање на слушателите да им бидат средствата за дезинфекција, исто така, им беа поделени визири и маски-Н95, а многу наскоро просториите ќе бидат опремени и со УВ ламби. Со порастот на бројот на заразени од Ковид 19 во нашата земја, посебно во главниот град, теоретската наставата за слушателите се организираше комбинирано, со цел да се намали бројот на физички присутните слушатели. За жал, набрзо потоа бројот на заразени лица во РСМ почна да покажува нагорна линија, за што Академијата во согласност со слушателите, теоретската настава започна да ја реализира целосно онлајн. Академијата има сопствена платформа за учење на далечина која уште од почетокот на здравствената криза ја унапредуваше, и на тој начин беше овозможено брзо адаптирање на новонастаната состојба. Во овој момент сите слушатели ја следат наставата преку оваа платформа. За предавачите Академијата обезбеди технички можности и истите ги одржуваат своите предавања во просториите на Академијата. Дисперзирани обуки во делот на почетната обука не се предвидени. Теоретската настава се одвива исклучиво во Академијата, додека практичната настава се одвива регионално во зависност од апелационото подрачје во кое слушателот има живеалиште односно престојувалиште.

Од шестата генерација на Академијата, во декември 2019 година беа избрани 15 обвинители и еден судија. Колку лица останаа нераспоредени се уште?

Заклучно со ноември 2020 година од вкупно 37 кандидати од шеста генерација на Академијата избрани се вкупно 31, односно 13 кандидати се избрани за судии (од кои во: Граѓански суд-3; Кривичен суд-3; ОС Куманово-2; ОС Битола-1; ОС Штип-1; ОС Тетово-1; Управен суд-1 и во ОС Кавадарци-1) и 18 кандидати за јавни обвинители ( ОЈО Скопје-11; ОЈО Битола-2; ОЈО Кавадарци- 2; ОЈО Штип-1; ОЈО Гостивар-1 ), 6 кандидати чекаат на избор.

Направивте измени во Програмата за теоретска настава. Кои новини ги воведовте за слушателите на почетната обука?

Должно внимание заслужува и Програмата за теоретска настава со која се воведоа неколку значјани промени, а се во согласност со потребите на слушателите на почетната обука на Академијата. Имено, најважната новина се воведе во концептот на одржувањето на часовите, односно, Академијата со Правилникот за теоретска настава воведе обврска за предaвачите при реализација на своето предавање, истото да биде базирано на комбинирани техники на обука со 60 проценти пракса и 40 теорија. Еднаш неделно се одржува еден час посветен на актуелни теми од правна област со гости –предавачи со цел да се поттикне стручна дебата или дискусија за актуелни теми од областа на правната практика. Согласно програмата овозможено е учество на слушателите во ХЕЛП програмата на Совет на Европа на обуки на различни правни теми, со чие успешно завршување и стекнување со серификат на една или повеќе такви обуки, слушателите ќе бидат во состојба да се стекнат со бонус бодови од теоретската обука, како и можност за опционо (факултативно) изучување на јазик на заедницата која сочинува најмалку 20 проценти од граѓаните на РСМ (албански јазик).

Согласно програмата теоретската настава се одвива во три модули- Модул кривично право, Модул- граѓнско право и Модул- Меѓународно право со акцент на ЕКЧП и судската праксата на ЕСЧП.

Новина во однос на теоретската настава исто така претставува и полагањето на контролни тестови, тестот за проверка на знањето се полага на крајот од секој модул, пришто на слушателите им е дадена можност за преполагање. Воедно, во секој модул предвиден е и задолжителен час по странски јазик.

Сите очи се вперени во почетната обука на Академијата. Сосема разбирливо, бидејќи единствениот начин некој да стане судија или јавен обвинител е да ја помине почетната обука на Академијата, но не помалку важна е континуираната обука за која имате и меѓународна поддршка. Како и каде се реализира оваа обука?

Согласно закон за Академијата, таа може да биде задолжителна и доброволна и истата има за цел да придонесе кон стручно усовршување на теоретските и практичните знаења и вештини заради стручно и ефикасно вршење на судската и јавнообвинителската професија. Токму континураната обука е делот во кој е најсилно изразена меѓународната соработка и поддршка, бидејќи на овој начин се дава значителен придонес во процесот на хармонизација на националното законодавство со легислативата на ЕУ, како и во успешно спроведување на реформите во правосудството. Академијата има дологодишна успешна соработката во Делегацијата на ЕУ и Советот на Европа во РСМ,Инструментот на ЕУ ТАИЕКС, Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадата на Франција, Амбасадата на Германија, Амбасадата на Кралството Холандија, Германската фондација за меѓународна правна соработка ИРЗ, Европската мрежа за правосудна обука ЕЈТН и многу други со кои се реализирани низа активности од кои полза имаат судиите и јавните обвинители во нашата земја. Не помалку значајна е и соработката со националните институции, како што се Министерството за права на РСМ, Министерството за внатрешни работи, останатите релвантни институции, тука се и Здруженијата за судии и јавни обвинители и низа на невладини организации. Размената на искуства се покажува како моќна алатка во изнаоѓање на позитивни креативни решенија и за таа цел Академијата посветува посебно внимание на континуираната обука. Изборот на теми и предавачи кои секогаш се во согласност со барањата и очекувањата на судиите и јавните обвинители. При спроведувањето на обуките со странските партнери Академијата инсистира и на вклучување на странски експерти кои ќе ги споделат искуствата од земјите од кои доаѓаат, а во последно време, Академијата инсиситира и на обуки за обучувачи со кои ќе бидат опфатени национални судиите и јавни обвинители, во области како што се ЕКЧП и судската пракса на ЕСЧП, кои потоа ќе можат да ги обучуваат своите колеги. Преводот и публикување на релевантни документи и публикации е уште една од дејности кои најчесто Академијата ги предвидува при договарањето на активностите со своите странски парнтери, и навистина можеме да се констатира дека Академијата и на ова поле има постигнато одлични резултати.

Борис Куноски



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2020 19:19