Во 1990-тите години, Џилијан Андерсон се прослави со улогата на специјалната ФБИ-агентка Дејна Скали во серијата „Досие Икс“… Потоа, поради нејзината црвенокоса хероина, таа беше прогласена и за една од најсексапилните жени во светот.
Така, сега Андерсон, која на почетокот од шестата деценија од животот изгледа исто толку одлично, ќе ја глуми „железната дама“ на Велика Британија – Маргарет Тачер, во најмалку шест епизоди од ТВ-серијата „Круна“ (The Crown). Првата од нив беше прикажана вчера.
Носењето „специјална перика, болни чевли и непријатни најлон-хулахопки“, како што вели глумицата, се чини, ја направи прилично успешна копија на предводничката на „ториевците“, во четвртата сезона од серијата.
– Ги надминав предрасудите за Маргарет Тачер. Го гледав секое видео што требаше да го погледнам за неа. Го погледнав нејзиното однесување, верувањата, убедувањата, како оди, зборува и се движи. Сево ова дефинитивно ми помогна. Но, никогаш во животот не би носела чевли какви што таа носела, ниту пак непријатни најлон-чорапи. Но, без нив, јас не би го совладала одењето. Косата и шминката навистина траеја долго – скоро час и половина, раскажува Џилијан.
Сепак, на крајот таа го оцени своето отелотворување на ликот на Тачер како вистинско задоволство.
Маргарет Тачер, претходно ја толкуваа Мерил Стрип, Андреја Рајсборо и Линдзи Данкан.