Осум од десет жени кои пријавиле насилство во Грција, како во периодот од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2020 година, така и за време на првиот карантин, биле жртви на семејно насилство, а во повеќе од половината случаи, пријавата се однесувала на нивниот сегашен или поранешен сопруг, согласно податоците од годишниот извештај за насилството врз жените од Генералниот секретаријат за семејна политика и родова еднаквост на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Семејното насилство, со 84 отсто е најзастапениот вид на насилство врз жените во Грција за измината година, кое во 33, 5 проценти од случаите било манифестирано со психолошко насилство, 29,6 отсто вербално, а 28,8 проценти физичко.

По семејното насилство следат силувањата и сексуалното вознемирување со по два отсто.

Генералниот секретаријат за семејна политика и родова еднаквост на Грција преку 42 советодавни центри, СОС број и центри за грижа им помага на жените жртви на било каков вид на насилството.

Во изминатите 12 месеци, во советодавните центри им била пружена помош и поддршка на 4.872 жени, од кои повеќе од половина побарале психолошка (27 отсто) или правна (27 проценти) помош.

На СОС телефонската линија се јавиле 8.609 жени, 6.042 од повиците биле за „случаи на насилство“, а 88 отсто се однесувале на семејно насилство.

Слична е ситуацијата и за време на првиот карантин во март и април, кога до советодавните центри и СОС линијата за спречување и борба против насилството врз жените се обратиле 549 жени.

Во речиси 84 отсто од случаите станувало збор за семејно насилство, 28 отсто од жените добиле психолошка поддршка, а 26 проценти правна поддршка.

Во повеќе од половина од пријавите, насилството било од сопрузи (поранешни или сегашни), а 48 проценти од жените биле на возраст од 36 до 55 години.

Во април годинава, за 227,4 отсто се зголемил бројот на повици на СОС линијата за „случаи на насилство“, споредбено со еден месец претходно, со оглед на тоа дека првиот карантин започна на крајот на март.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2020 13:19