На меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените - 25ти ноември, сакаме да нагласиме дека семејното насилство е законски регулирано во државата веќе 16 години и да укажеме на потребата за поголемо информирање на јавноста за природата на семејното насилство и постојните законски механизми за заштита на жените кои претрпеле семејно насилство.

Сметаме дека неодамнешните декларативни изјави и ветувања на високи владини функционери за усвојување на нови законски одредби за итна заштита на жртвите го занемаруваат фактот дека постоечкиот систем за заштита од семејно насилство е воспоставен уште во 2004 година. Притоа, за итна заштита од семејно насилство предвидени се привремените мерки како специјализиран превентивен механизам за заштита од семејно насилство се предвидени веќе 16 години, меѓу кои и мерката отстранување на насилникот од домот. Истовремено, актите на семејно насилство претставуваат кривични дела за чии сторители се предвидени затворски казни.

За жал мораме да констатираме дека до сега властите не покажаа волја, ниту пак обезбедија финансиски средства за спроведување на законите во пракса и справување со овој сериозен општествен проблем. Наспроти декларативните заложби и пофалби, бараме државата да алоцира пари и да презеде суштински мерки за надминување на долготрајните проблеми, како што се: спроведувањето на кампањи за зголемување на свесноста кај јавноста за родовата еднаквост и семејното насилство; организирање на системска почетна и континуирана едукација на стручните лица од Центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството и судовите; подобрување на индивидуалното постапување и меѓусебната координација помеѓу надлежните институции; изрекување на предвидените затворски казни за насилниците; воведувањето на систем за собирање и објавување на податоци за случаите на семејно насилство.

Дотолку повеќе што вонредната состојба и мерките за ограничено движење на населението го зголемија ризикот од семејно насилство и уште повеќе придонесоа за отежната комуникација помеѓу жртвите и институциите кои се должни да обезбедат заштита. Затоа бараме од државата да преземе мерки за надминување на наведените системски проблеми и да го адаптира постапувањето на институциите во услови на криза и вонредна состојба.

Сметаме дека првиот чекор кој треба да го презеде државата, наспроти декларативните заложби и ветувања, е да ја зголеми самокритичноста во врска со системските недостатоци во справувањето со семејното насилство; семејното насилство да го стави како приоритет на политичката агенда; и да обезбеди буџетски средства за преземање на суштински чекори во сите приоритетни области, како што се превенција, заштита, кривично гонење на насилството, координација помеѓу институциите.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2020 18:03