На фејсбук страницата „Литература.мк“ денеска онлајн ќе биде промовирана илустрираната книга „Биди среќна ѕвездичка“ на писателката Радмила Костова-Мила, составена од 11 кратки поучни приказни за деца.

Промоцијата ќе ја води уредничката на „Биди среќна ѕвездичка“, Бисера Бендевска, а книгата ќе биде претставена преку разговор со авторката.

Главни ликови се малите авантуристи Виктор и Леона, братче и сестричка, кои учат лекции низ ситуациите и предизвиците со кои се соочуваат. Целта на оваа книга е децата да се мотивираат да ги гледаат убавите страни на секоја навидум безизлезна ситуација и самите да стигнат до решението на „проблемот“, помогнати од возрасните во нивното опкружување. Секоја приказна на Виктор и Леона завршува со поука и со прашања што произлегле од предизвикот, а кои треба да си ги постави секое дете кое на некој начин го доживеало истото искуство и е на пат да стигне до поучната порака. Прашањата ќе му помогнат да ја согледа ситуацијата од различни агли и ќе го потсетат на некои суштински нешта кои, ако редовно ги практикува – ќе биде посреќен и подобар човек.

Во книшката е вклучена и друштвена игра „Среќна ѕвездичка“, која треба да им овозможи забава и оддишка на децата откако ќе ги исчитаат приказните за Виктор и Леона, но и да им посочи колку е важно да се биде среќен и дека среќата е синџиреста појава и во нејзиното креирање учествуваме сите.

Радмила Костова-Мила е автор на текстови за личен развој на друштвените мрежи и тренер за личен развој и мотивациски говорник. Ја има објавено книгата „Инспирирај се за промени“, а „Биди среќна ѕвездичка“ е нејзино прво дело за деца



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2020 08:13