Тековните потреби и понатаму ќе се сервисирааат непречено. Во најголема криза пензиите ги исплаќавме порано, редовно се исплаќаат платите и не се доцни со обврските. Тие ќе се сервисираат редовно и навремено и догодина. Предлог-буџетот за 2021 година би го опишале пет збора- реален, стратешки, ревитализирачки, развоен и транспарентен.

Ова во интервју за МИА го истакнува заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој потенцира дека во наредната година ќе се смени децениската пракса наназад од „инвестиции на хартија“, односно дека идејата не е само да се стават бројките на хартија, туку и да се види и квалитетот на проектите, односно нивното влијание врз економјата и растот.

-Решени сме да ја смениме децениската пракса наназад од „инвестиции на хартија“. Tоа ќе го направиме преку мерки со кои ќе се „поттурнат“ институциите да имаат подобар перформанс. Првиот од тие механизми е токму повеќегодишната рамка, со која ќе се обезбеди подобро планирање на вакви крупни проекти, кои се протегнуваат во повеќе фискални години и еден од проблемите досега е што ја немаше таа рамка, појасни заменик-министерот.

Тој додаде дека е предвидено воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи.

-Така, буџетските корисници со Предлог-законот за извршување на буџетот за 2021 година се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40 отсто, со третиот најмалку 65 отсто, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација, истакна Ковачевски.

Напомена дека ќе се ќе се поддржат крупни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина, кои имаат повеќегодишна рамка.

За здравството, како врвен приоритет во буџетот за 2021 година, предвидени се 663,7 милиони евра и се за 40 милиони повеќе во однос на иницијалниот буџет за годинава. Покрај превентивните и куративните здравствени програми, предвидени се и инвестициски проекти како изградбата на Универзитетски клинички центар во Скопје, реконструкцијата и доградба на Регионална Клиничка болница Штип, како и Проектот за итно справување со КОВИД 19.

Најавува дека во наредниот среднорочен период ќе се фокусираат на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи рационализација на истите, дека се очекува на среден рок јавниот долг да се сведе на 58,8 отсто или под Мастришкиот критериум, а многу скоро и се очекува и реализација на мерката од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани, со која се доделуват 6.000 денари еднократно на околу 300000 граѓани.

– Законот e одлучено да оди по скратена постапка во Собрание и очекувањата се дека набргу ќе се донесе. Со оваа мерка освен поддршката кон ранливите категории на граѓани, како пензионерите, самохраните родители, децата без родители – ќе се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период и на тој начин ќе се делува на радвижување на економската активност, рече заменик-министерот во интервјуто за МИА. Во продолжение го пренесуваме целото интервју со заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.

Предлог-буџетот за 2021 година веќе влезе во собраниска расправа. На дневен ред е во матичнaта Kомисија за финансирање и буџет, по што следува расправата на пленарната седница и негово усвојување. Ова е најголем буџет досега на планирани 212,6 милијарди денари. Во услови на голема неизвесност и криза дали сметате дека ќе нема проблем со собирање на приходите?

Пет збора кои би го опишале Предлог-буџетот за 2021 година се – реален, стратешки, ревитализирачки, развоен и транспарентен. Мора, исто така, на почеток да ве корегирам дека не е најголем буџет досега, со оглед дека расходната страна е пониска во однос на сегашната проекција за 2020 година.

Зошто реален? – Да тргнеме од проекцијата за економскиот резултат за 2021 година врз основа на која е проектиран буџетот. Таа изнесува 4,1 отсто и е во линија со проекциите на меѓународните финансиски институции. Приходната страна е проектирана на ниво од 8,3 отсто повисоко во однос на годинава, врз основа на очекувањата за раст, реализацијата на приходите во тековната 2020 година, даночната политика насочена кон подобрена наплата на даночните приходи, јакнење на механизмите за намалување на неформалната економија, како и поддршка на приватниот сектор,

Расходите се проектирани на ниво од 2,1 отсто пониско во однос на буџетот за 2020 и тие се подготвени врз основа на проекцијата на приходите со планираните движења во економијата, фискална консолидација, економско заздравување и забрзан раст, редовно и непречено извршување на сите законски обврски, дисциплинирана буџетска политика и зајакната контрола на јавните трошења, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, приоритетот за интегративните процеси на Република Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО. Политиките опфатени со расходната страна се во насока на ревитализирачкиот и развоен карактер на буџетот за 2021.

Буџетот за 2021 година за првпат гледа подалеку од 12 месеци и мора да се истакне дека ова е огромен чекор – да се даде извесност и план за подолг рок, особено во еден ваков неизвесен период. Дополнително, петгодишната рамка е во насока на обезбедување поголема транспарентност пред даночните обврзници за тоа како ќе се трошат средствата на еден среден рок.

Во делот на здравството дали буџетот ќе биде насочен само кон справување со пандемијата или се предвидени и инфраструктурни проекти?

Врвен приоритет во буџетот за 2021 е здравејто на граѓаните и средствата кои ги обезбедивме за здравството кореспондираат со тоа. За здравството како област за следната година имаме обезбедено висока сума од 663,7 милиони евра. Ова е за речиси 40 милиони евра повеќе во однос на иницијалниот буџет за 2020 година, односно пред Ковид-кризата. Вo рамки на овие средства предвидени се пари за превентивните и куративните здравствени програми, но и за инвестициски проекти.

Инвестициските активности се насочени кон набавка на медицинска опрема за потребите на јавните здравствени установи, изградба, реконструкција и доградба на 62 објекта на јавни здравствени установи, за амбулантите во руралните подрачја, средства за општата болница во Кичево, како и средства за реализација на проектите клинички центри во Скопје и Штип.

Во рамки на превентивните и куративните здравствени програми се преземаат активности со цел остварување подобра комуникација и обезбедување квалитетни здравствени услуги. Кај превентивните програми има средства за превенција од кардиоваскуларни болести, систематски прегледи на ученици и студенти, активности за организирање и унапредување на крводарителството, имунизација на населението преку набавка на вакцини – вклучително и вакцини против Ковид-19, континуирана набавка на лекови за болни од туберкулоза, заштита на населението од СИДА, активна здравствена заштита на мајки и деца, скрининг за рана детекција на малигни заболувања итн. Во рамки на куративните програми има средства за пунктови за бесплатни прегледи по плоштади и рурални места, обезбедување трошоците за болни кои се третираат со дијализа и активности за пациенти со хемофилија, набавка на лекови за лекување ретки болести, набавка на инсулин, болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната и за деца до 18 години чии семејства се приматели на социјална парична помош, како и активности за едукација на лекари и медицински персонал.

Колкави се средствата за заздравување и забрзан раст на економијата и како ќе се обезбеди подобра реализацијата на капиталните расходи?

Со буџетот за 2021 година издвоени се 1,141 милијарди евра за областа економски работи. Со нив ќе се поддржат инвестициските активности на домашните претпријатија, привлекување странски директни инвестиции, инвестирање во развојните зони, малите и средни претпријатија, подобрување на конкурентноста, поддршка на домашниот туризам итн. За целокупната област за економски развој во 2021 година се обезбедени за 4,5 проценти поени повеќе во однос на буџетот во 2019 година, како еден преткризен буџет.

Во однос на капиталните расходи за 2021 година, тие се на ниво од 373,7 милиони евра или за 20 отсто повисоки во однос на она што го проектиравме последно за годинава. Овие средства се дел од поголем инвестициски пакет предвиден со петгодишната рамка, кој е во износ од 3,1 милијарда евра.

Со овие средства ќе се поддржат крупни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина, кои имаат повеќегодишна рамка.

Во рамки на овие проекти во делот на патната инфраструктура, во следниот период предвидена е изградба на автопатска делница Скопје-Блаце, изградба на автопатска делница Кичево-Гостивар, подобрување на патната инфраструктура на општините во Република Македонија преку Проектот за локални патишта, финансирање на патниот коридорот 8 преку делницата Куманово-Ранковце, Ранковце-Крива Паланка, Крива Паланка до границата со Бугарија, финансирање на делницата Кичево-Охрид, Штип-Радовиш, проширување на автопатот Тетово-Гостивар, Програмата за национални патишта, Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, како и Проектот воведување брз автобуски превоз на територијата на градот Скопје. Во периодот 2020- 2025 предвидена е изградба на патна делница Градско – клучка Дреново како дел од патниот коридор 10, рехабилитација на делница Куманово – Страцин , нов експресен пат од Прилеп до мост на реката Ленишка и изградба на трета лента на патната делница од село Беловодица – каменолом Маврово.

Во делот на железничката инфраструктура, планирано е да започне Проектот за изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија, како и рехабилитација на делницата Куманово – Дељадровце, како и финансирањето на трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор VIII делот кон Бугарија.

Во областа на гасификацијата, предвидено е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Македонија и Република Косово, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Македонија и Република Грција. Во енергетската инфраструктура, проекти кои се предвидени да се финансираат се проектите кои ги имплементираат АД ЕСМ и АД МЕПСО и тоа: Ветерен парк Богданци фаза 2, Топлификација на Битола, 400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), Фотонапонска Електрана Осломеј, Ветерен парк Миравци, Проект за чистење на линдан (ОХИС) , Проект Фотонапонски електрани Осломеј 2 и Фотонапонски електрани Битола.

Како позначајни проекти кои се планирани да се реализираат во овој период од областа на комуналната инфраструктура тоа се првата и втората фаза на Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Македонија. Како големи капитални проекти во областа на земјоделието се Програмата за наводнување на Македонија и Проектот за модернизација на земјоделството.

Во областа на животната средина значаен капитален проект е изградбата на Пречистителна станица за отпадни води Скопје, како и станиците за цврст отпад во Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот регион, Југоисточен регион и Скопскиот регион.

Од областа на воспоставување инфраструктура за собирање и третман на отпадни води и воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад што ги исполнува условите на ЕУ како позначајни капитални проекти кои ќе се финансираат преку ИПА 2 Програмите во периодот 2020 -2025 се Рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во град Скопје, Проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во општина Тетово, рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во општина Кичево, изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во Битола, проект за затворање на депонии во источниот и североисточниот регион, изградба на централен објект за управување со отпад, изградба на фабрика за сортирање, погон МБТ, депонија, постројка за компостирање, зелена точка за источниот и североисточниот регион во Свети Николе, изградба на шест локални објекти за управување со отпад – станици за трансфер, постројки за компостирање и зелени точки за источен и североисточен регион, поддршка при воспоставување регионален систем за управување со отпад – набавка на опрема за Источен регион, поддршка и подготовка на потребната документација за набавка на опрема за вода за општини Радовиш, Кичево, Струмица, Битола, Тетово, Берово, Куманово и Прилеп, подготовка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води и водоводна мрежа во општина Арачиново.

Во делот на здравството, како што и претходно реков, капитални проекти се изградбата на Универзитетски клинички центар во Скопје, реконструкцијата и доградба на Регионална Клиничка болница Штип, како и Проектот за итно справување со КОВИД 19.

Во делот на образованието, социјалната заштита и правосудство е предвидено да се финансираат следните проекти: изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови во Република Македонија, Проект за развој на вештини и иновации, реконструкција на јавни предучилишни установи, и други проекти.

Да, но секоја година сме сведоци на голем број проекти на хартија, но реализацијата е слаба. Зошто мислите дека сега ќе се сменат работите?

Затоа што сме решени да ја смениме децениската пракса наназад од „инвестиции на хартија“. Tоа ќе го направиме преку мерки со кои ќе се „поттурнат“ институциите да имаат подобар перформанс.

Првиот од тие механизми е токму повеќегодишната рамка, со која ќе се обезбеди подобро планирање на вакви крупни проекти, кои се протегнуваат во повеќе фискални години и еден од проблемите досега е што ја немаше таа рамка.

Предвидовме и воспоставување на механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Така, буџетските корисници со Предлог-законот за извршување на буџетот за 2021 година се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40 отсто, со третиот најмалку 65 отсто, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација.

Исто така, преку Smart Key Performance Indicators методологијата ќе се оценува реализацијата на капиталните инвестиции, а ќе се форсира и довршување и забрзана реализација на крупни инфраструктурни проекти.

Ќе повторам, идејата не е само да се стават бројките на хартија, туку и да се види и квалитет на проектите, односно нивното влијание врз економијата и растот. Затоа предвидуваме усвојување на методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст, како и значително кратење и лимитирање на капиталните расходи за купување мебел и возила.

Намалување на неприоритетните трошоци, е речиси секогаш наведено, како и во предлогот за наредната година. Ќе успеете да се намалат тие трошоци и како во пракса би функциониало она што на среден рок е најавено за ограничување на средствата за службени возила?

Со буџетот за 2021 година се прават значајни резови токму кај овие ставки – набавка на возила и на мебел, односно се оди само на набавки кои се потребни за работните процеси. На пример, кај ставката „набавка на возила“ има намалување за 66 милиони денари во однос на иницијалниот буџет од 2020 година. Кај ставката „купување на мебел“ има за 76 милиони денари помалку во однос на иницијалниот буџет.

Она што е уште поважно е што навистина содржат овие ставки. На пример, ако набавувате мебел за училиште или опремувате градинка или болница – ова е оправдан трошок, исто како што е оправдан трошок набавка на нови медецински возила или возила во Армијата или за се она што има јавен интерес и потреба.

Кој е механизамот со кој ќе го спроведуваме ова? – Барање отчет и оправданост на овој вид набавки од страна на буџетските корисниците и се разбира оценување дали таа набавка е алатка за вршење на основна дејност. На пример, набавка на возила за инспекторатите е оправдана набавка, доколку тоа возило им е потребно да излезат на терен и да извршат контрола, тоа им е основно средство за работа и без тоа не би можеле да функционираат. Доколку пак е обратно и се види дека возилото нема намена и е луксуз на некој начин, нема да се одобрат средства при планирање на буџетот. Исто така, планирано е да се воведат вредносни лимити при набавката на мебел, набавка на службени возила, вклучително и максимална цена за набавка на службено возило.

Инаку ќе најавам дека во наредниот среднорочен период ќе се фокусираме на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи разионализација на истите. Како мерки ќе ги наведам стагнацијата или лимитирање на вкупните буџетски трошоци наменети за плати, воведување ограничување за највисоката плата во јавниот сектор, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор, дигитализација на добар дел од јавните услуги, воведување критериуми за користење канцелариски простор од страна на буџетските корисници, службени авионски патувања само во економската класа.

Можат ли да бидат спокојни граѓаните дека ќе има пари за пензии, плати, исплата на социјални права?

Како и секогаш тековните потреби ќе се сервисираат непречено. Во најголемата криза, со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните ги исплаќавме пензиите порано, неколку дена пред почетокот на наредниот месец. Во најголемата криза, редовно се исплаќаат платите и не се доцни со обврските. Спроведовме и спроведуваме четири пакета мерки за поддршка на граѓаните и стопанството кои имаат значајни фискални импликации. Ќе продолжиме да ги сервисираме обврските редовно и навремено и догодина.

Кога станува збор за поддршка на човечки капитал има ли предвидено некаде зголемување на платите?

Инвестициите во човечкиот капитал се еден од четирите столба на кој се заснива Стратегијата за економско заздравување и забрзан економски раст. Врз основа пак на Стратегијата, на политиките за фискална консолидација и Планот за јавни инвестиции за следните пет години, се заснива буџетот за 2021 година и исполнувањето на трите основни цели – зачувување на здравјето на граѓаните, економско заздравување и развој и структурни реформи.

Кога зборуваме за инвестиции и поддршка на човечкиот капитал, не зборуваме само за вреднување на нивниот труд, туку континуирано вложување на највредниот ресурс со кој располагаме – човекот, и на тој начин поттикнување на креирање додадена вредност. На среден рок ќе работиме на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување. И кога ќе видите, последните неколку години во сите овие области има обезбедено повеќе средства.

Светска банка има измерено со индексот на инвестиции во човечки ресурси дека кај нас децата кога ќе навршат 18 години, согласно условите кои ги добиваат при растење од образование, здравство и социјална заштита, искористуваат само 53 отсто од нивниот целосен капацитет. Тоа е многу помалку од равиените земји и од ЕУ, каде просекот е од 70-80 отсто. Помалку е дури и од регионот каде просекот се движи околу 60 до 65 отсто. Ова се поразителни податоци и доаѓаат оттаму што со години никој не преземал ништо околу тоа.

Претходниот буџет – буџетот за 2019 година го адресираше ова прашање, но настана кризата и приоритетите беа насочени кон одржување на здравјето на граѓаните и економијата. Сепак, ова е многу важно прашање, и во иднина истото е ставено на исклучително важно место во Стратегијата за развој.

Со предлогот она што ќе недостига за реализација на расходите е 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП. Како ќе се финансира?

Прво и најважно – и покрај ковид-кризата и покрај предизвиците кои ги носи неизвесноста, одиме со постепена консолидација на буџетскиот дефицит. Следната година буџетскиот дефицит го кратиме од 8,5 отсто колку што е проектиран со буџетот за 2020 година, на 4,9 отсто за 2021 година. Тоа се 3,6 процентни поени кратење за една фискална година.

Во апсолутен износ, проектираниот дефицит за 2021 година изнесува 34,9 милијарди денари. Средствата кои треба да се вратат кон странските кредитори изнесуваат 37,2 милијарди денари, додека кон домашните 6,1 милијарди денари. Значи станува збор за 78,2 милијарди денари или околу 1,3 милијарди евра кои ќе се финансираат преку позајмување од странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Домашното задолжување е предвидено на ниво од 23 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ. Со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поволните каматни стапки. Со цел оптимизација на исплатите, намалување на ризикот за рефинансирање, како и искористување ниските каматни стапки, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде оптимизација на портфолиото и зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност.

Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Притоа, изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал.

Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг. Согласно со проекциите на Министерството за финансии, државниот долг на крајот на 2020 година ќе забележи благо намалување и ќе изнесува 51,2 отсто, додека јавниот долг ќе изнесува 60,8 отсто. Во наредниот среднорочен период, фискалната политика ќе биде насочена кон консолидација на јавните расходи, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестициите, подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места. Истовремено ќе се продолжи со определбата за спроведување дисциплинирана буџетска потрошувачка со акцент на рестриктивност и контрола на помалку продуктивните трошоци, за сметка на зголемување на инвестициските вложувања во капитални проекти. Согласно тоа се очекува на среден рок јавниот долг да се сведе на 58,8 отсто или под Мастришкиот критериум.

Да се навратиме кон расправата во Собрание. Предложени се над 500 амандмани од опозицијата. Дали веќе сте запознати со некои и дали некои од нив ќе бидат прифатени и очекувате ли да се донесе навреме буџетот, со оглед на тоа што поради пандемијата често нема мнозинство за работа?

-Има повеќе амандмани, најголем дел се од областа на транспорт и врски, од локална инфраструктура, водоводи и слично. Со големо внимание тимот во МФ ги разгледуваме сите и ја очекуваме амандманската расправа. Можам да кажам дека секој предлог кој е добар и воедно издржан, образложен, реален предлог, предлог кој е за доброто на граѓаните, ние ќе настојуваме да најдеме средства и да го прифатиме. Парламентот треба да биде место каде се дебатираат идеи како да го направиме подобар животот на граѓаните.

Каква е реализацијата на буџетот во моментов?

Ние редовно го објавуваме остварувањето на буџетот на месечно ниво, во насока на фискалната транспарентност за која се залагаме и која останува наш врвен приоритет. Во однос на реализацијата на буџетот заклучно со месец октомври 2020 година, можам да кажам дека во однос на приходите, истите се во рамки на очекувањата, а расходите се реализираат редовно и навремено.

Вкупните приходи во периодот јануари-октомври 2020 година се реализирани во износ од 154,5 милијарди денари што претставува 78,7 отсто во однос на планираните за 2020 година. Даночните приходи и социјални придонеси учествуваат со 80,9 отсто во вкупните приходи, при што приходите од социјални придонеси забележуваат дури и подобра наплата во однос на лани за 7,7 отсто.

Вкупните расходи се реализираа во износ од 189,4 милијарди денари, што претставува 75 отсто во однос на годишно планираниот износ и мора да се напомене дека растот на расходната страна годинава, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борбата против кризата предизвикана од КОВИД-19. Истовремено редовно се сервисираа обврските на државата како за редовните обврски како плати, пензии, социјална заштита, така и од аспект за сервисирање на мерките.

Капиталните расходи во периодот јануари-октомври 2020 година се реализираа во износ од 9,3 милијарди денари или 48,6 отсто во однос на годишно планираниот буџет и се на идентично ниво во однос на истиот период од минатата година.

Дефицитот за овој период е во висина од 34,8 милијарди денари или 5,2 отсто од БДП, согласно проектираната динамика.

Во последниот квартал се реализираат мерки за поддршка на граѓаните и стопанството од четвртиот пакет мерки. Дел од мерките веќе се спроведуваат, а дел се очекуваат. Кога се очекува да пристигнат средствата на трансакциските на граѓаните што се опфатени со финансиската поддршка од 6.000 денари и средствата за инвестиции за компаниите?

Околу 70 отсто од сите мерки од Четвртиот пакет се дизјанирани и носител е Министерството за финансии и морам да кажам дека сум исклучително горд на тимот во Министерството кој успеа за релативно краток рок да подготви голем број законски решенија кои или веќе се спроведуваат или се во собраниска процедура или се подготвени и за нив има јавни консултации и слично.

За двете мерки кои прашавте – едната веќе се спроведува од страна на Управата за јавни приходи, односно финаниската поддршка за исплата на плати, додека втората е во собраниска процедура.

Во однос на финасиската поддршка за работодавачи, за октомври има 14.946 барања, од кои досега прифатени се 13.783 апликации кои се однесуваат на 59.303 вработени, а износот е 923.467.176 денари. За самостојни вршители на дејност има прифатено 4.222 барања досега од поднесени 6.844 барања. Би сакал да истакнам дека оваа мерка годинава одржа преку 120 илјади работни места во налетот на најголемата криза, кога голем број од капацитетите не работеа и очекувам да даде добри резултати и сега.

Законот со кој ќе се спроведе мерката за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани е во собраниска процедура и со него ќе се доделат средства од по 6.000 денари еднократно на околу 300 илјади граѓани. Законот e одлучено да оди по скратена постапка на Собрание и очекувањата се дека набргу ќе се донесе. Со оваа мерка освен поддршката кон ранливите категории на граѓани, како пензионерите, самохраните родители, децата без родители – ќе се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период и на тој начин ќе се делува на радвижување на економската активност.

Инаку мерките од Четвртиот пакет кои се во надлежност на Министерството за финансии, и кои беа овозможени со ребалансот на Буџетот може да се категоризираат во четири категории, како: мерки за директна финансиска поддршка на фирмите, мерки за финансиска поддршка на граѓаните, даночни олеснувања и мерки во насока на системски решенија. Со овие средства ќе се даде поддршка на приватниот сектор и граѓаните за време на вториот ковид-бран, а понатаму ќе дадат поддршка во заздравувањето. Овие мерки се така дизајнирани да дејствуваат позитивно и на страната на понудата и на страната на потрошувачката и на тој начин да ги амортизираат последиците од кризата.

Буџетот за 2021 година е направен со среднорочна рамка – до каде е новиот закон за буџети, кој меѓудругото предвидуваше среднорочно буџетирање и воспоставува Фискален совет?

Среднорочното планирање е од исклучителна важност од аспект на стратешко планирање и спроведување програми и проекти, со оглед на тоа дека тие се повеќегодишни. Со среднорочното буџетирање треба да се подобри ефикасноста на планирањето на средства, имајќи ја предвид целата слика притоа. Така со буџетот за 2021 година растот, дефицитот, но и капиталните проекти од Планот за јавни инвестиции, се проектирани на среден рок, односно дадена е петгодишна рамка за нив.

Новиот закон за буџети е еден стратешки закон предвиден со Праграмата за управување со реформи во јавните финансии (ПФМ), кој ќе придонесе во зајакнувањето на планирањето, контролата и реализацијата, како и ќе придонесе кон заложбата за фискална транспарентност. Со него се регулираат повеќе работи, меѓудругото и среднорочното буџетирање.

Законот за буџети предвидува и воспоставување нов ефикасен и интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) кој ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивното планирање до целосна реализација.

Законот беше поставен на ЕНЕР пред околу месец за коментари од јавноста. Тимот на МФ во моментот ги разгледува предлозите и коментарите од стеикхолдерите и наскоро, на почетокот на следниот месец ќе одржиме една јавна расправа за истиот. Како што реков ова е стратешки закон и процесот на негово носење, впрочем како и за секој закон, треба да биде низ дијалог.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2020 12:57