Завршија работите за изградба на нов кров во подрачното училиште во беровското село Митрашинци. Како што информираа од Општината, проектот се реализира во рамките на активностите за подобрување на условите за учење во Берово.

-Во склоп на проектите за енергетска ефикасност, реконструирана е дел од кровната конструкција во подрачното училиште во село Митрашинци при деветолетката ,,Дедо Иљо Малешевски”. Исто така сменет е кровот на просторијата во која се одвива наставата по физичко образование, каде што во следниот период е предвидена и целосна реконструкција на истата, информираа од Општината.

Со реконструкција на овој објект, од Општината очекуваат во подрачното училиште во село Митрашинци да се подобрат условите за учење, спорт и рекреација, но и да се влијае на заштита на зградата на училиштето, кое после долги години ќе добие подобрени услови за учење за учениците.

-Средствата во износ од 1,2 милиони денари денари за промена на кровната конструкција, се обезбедени од Програмата за намалување на аерозагадувањето, на Влада на РСМ, за 2019 година, по одобрена апликација на Општина Берово, додека средствата за реконструкција на просторијата, се обезбедени од Буџетот на училиштето и Општината, додадоа од Општина Берово.

Како главна цел на оваа мерка, како што претходно посочија е намалувањето на трошоците за енергенси, преку спроведување на мерките за ублажување на аерозагадувањето во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2020 14:22