Граѓанската организација „Норгес Вел”, Крива Паланка во соработка со НВО Инфо центар, карате клуб „Шампион” денеска на градскиот стадион во Крива Паланка ја реализираа акцијата „Ние спортуваме-дистанца одржуваме-мерки почитуваме”.

Околу триесет дечиња од карате клубот Шампион под водство на тренерот Жарко Ангеловски реализираа тренинг на отворено со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.

-Како дел од едно модерно општество и урбаниот живот од ден на ден се повеќе се среќаваме со опасните модерни предизвици кои го нарушуваат нашето здравје, ни ја намалуваат физичката способност и не кочат во извршувањето на обврските во секојдневниот живот. За жал, пандемијата ни се случи и нам и ги погоди сите аспекти на она спортува, што значи нормален живот, функционирање и креативност од сите аспекти. Затоа и ние преку многу акции и граѓанско учество сакаме да покажеме дека имаме сили и капацитет да се избориме против невидливиот непријател. Пред се, спортувајќи, притоа, почитувајќи ги пропишаните мерки. Можеме да влијаеме во мал дел на психофизичката способност на младите на кои им е најпотребно во овие моменти да бидат активни и здрави. Затоа и оваа акција е наменета за нив, да покажеме дека ќе продолжиме да спортуваме и да го градиме имунитетот, а притоа ќе бидеме и општествено одговорни, изјави Даниела Анастасовска од „Норгес-Вел”.

Активноста е поддржана од Општина Крива Паланка ,а истата е дел од проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, со поддршка на Меѓународната фондација „Улоф Палме“ од Шведска.

На активноста присуствуваше и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој рече дека ваквите активности во услови на пандемија кога се ограничени движењата на граѓаните придонесуваат за поттикнување на граѓанскиот активизам и тоа е во прилог на подобрување на состојбата со квалитетот на животот на граѓаните и подобро справување со предизвиците на пандемијата со Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2020 15:01