Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното негово обраќање на протестот пред Владата на Република Македонија истакна дека од вчера на целата јавност и е познато дека Заев на „зелена маса“ го ставил и идентитетот. Тој порача дека тоа нема така лесно да му помине.

- Ќе поминам веднаш на главното, Зоран Заев преговара за идентитетот. Тој преговара за идентитетот и око не му трепнува ја лаже целата македонска јавност.

Од изјавите на историчарите од комисиите дознаваме дека бугарската страна се противи за терминот Македонски кој што дирекно го означува нашиот идентитет, додека Заев упорно не убедува дека не преговара за идентитетот и историјата. Бугарската страна кажува дека за придавката Македонски се разговара на повисоко ниво што во превод би значело дека Зоран Заев тргува.

Како се случи за неполни 12 сати, од позицијата атмосферата е добра има напредок во разговорите до тоа главен наслов во медиумите да биде фијаско. Тоа е затоа што лаже.

Та нели се беше во главата на нас вмровците? Заев лажеше кога се колнеше во најмилото, a се пазареше за идентитетот, историјата, за Македонија.

Денес повторно лаже кога вели дека не преговара за идентитетот, јазикот, историјата, а историските комисии го демантираат и го тврдат токму спротивното. Лаже и кога вели дека има напредок. Безочно лаже и око не му трепнува!

4 години овој човек не лаже, 4 години дебата и проблеми за јазикот, историјата, малцинствата наши во соседните држави, идентитетот. Погледнете како полека она што не било проблем станува проблем, како се разјадува и она последно здраво ткиво на нашата нација, полека но сигурно дебатираме за откажување од нашето наследство од се она што нас не дефинира како посебна нација, народ и држава. Македонија ја губиме на делови помеѓу две изјави на Заев кој со раката на срце, со насмевка и наведнување на главата вели дека тој бил Македонец, и го штител идентитетот. Веќе на сите им е јасно дека овој човек кога говори тогаш тој сосема спротивно испорачува.

Поминаа 10 дена, тој не се повлече во своите скандалозни изјави ниту милиметар, напротив денеска го слушаме како вели дека не се каел воопшто за тоа што го говорел на тоа интервју за еден медиум од кај нашиот источен сосед.

Стратегијата на Заев е во играта на зборови, манипулација во која поразите ќе ги прикажува како штитење на идентитет. Па ќе слушнеме дека споделена и заедничка историја било едно исто, дека јазикот ни бил од АСНОМ па наваму, односно дрво без корен, па да бидеме задоволни и среќни дека ако некој бугарски политичар скришум тивко потшепне Македонци, тоа било голема дипломатска победа...дај бе човеку не си играј со нашата интелигенција.

Морам да кажам две клучни работи. Прво Заев вели дека во преговорите заштитени биле македонскиот идентитет и јазик. И како да не знаеме кога тој го вели тоа, токму за тоа преговара и токму тоа го продава. И треба да бидете свесни, секој еден од вас кога Зоран Заев вели дека постои македонскиот јазик и дека тој бил Македонец кој говорел македонски јазик всушност мисли дека македонскиот народ, македонската нација постојат од 44татат па наваму и дека македонскиот јазик е дрво без корен и дека истиот постои од 44татата па наваму. А тоа е токму позицијата на нашиот источен сосед, да не се лаже некој кога ги слуша изјавите на Зоран Заев во крик на немоќ, кога вели дека тој бил Македонец кој што говори македонски јазик, зборува за неговите баба и дедо кои што биле родени пред 44тата дека биле Македонци, или нивните баба и дедо кои што биле родени таму некаде во 19, 18 век. Тој токму ги потврдува позициите на нашиот источен сосед и се согласува. Таа е таа игра на зборови на Зоран Заев кога ќе каже дека тој бил Македонец кој што зборува македонски, но заборава да каже дека мисли на 44тата па наваму.

Втората клучна работа се се` почестите нивни фабрикувања дека немало народ по улиците, дека овие протести кои што ги организира опозицијата во кои што предводи ВМРО-ДПМНЕ немало народ па тоа му давало легитимитет да ги води политики. А заборава дека е кризна состојба, дека поради неговата неспособност и неспособноста на надлежните во Министерството за здравство имаме пандемија, дека дневно губиме по 30 до 40 животи, дека дневно броиме по илјадници заразени поради неспособноста на тие кои што требаше да се грижат за нашето здравје.

Но, јас сакам да му порачам, народ има, и само ако се дрзнеш да чепнеш по нашиот македонски идентитет, по нашата култура, обичаи и традиција ќе видиш што е народ. Ќе ти се случи народ, но овој пат нема бегање од тој истиот народ, порача Мицкоски од денешниот протест пред Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2020 17:27