Спортскиот арбитражен суд (CAS) во Лозана и ја преполови на Русија четиригодишната забрана за настап на големите натпреварувања, но ја остави на сила забраната за учество под руско знаме на спортистите од оваа држава на претстојните Олимписки игри во Токио и на зимската Олимпијада во Пекинг во 2022 година.
Како што официјално е соопштено вечерва, за време на „двегодишниот казнен период“ , исто така, останува на сила забраната Русија да организира големи меѓународни спортски натпреварувања.
Настап на олимпијадите во Токио и Пекинг, како и на светските првенства, ќе им биде дозволен само на руски спортисти и екипи, кои не се вмешани во допинг, но тие ќе можат да учествуваат само под неутрално знаме и без национални обележја.
Претходно, Меѓународната антидопинг агенција (WADA) и изрече четиригодишна забрана на Русија, обвинувајќи ја за подметнување фалсификувани документи и бришење датотеки поврзани со позитивни допинг тестови, кои „можеле да помогнат во идентификување на спортистит, кои користеле допинг средства“.
Судот во Лозана ја намали казната на две години, и истата стапува на сила денеска и ќе остане на сила до 16 декември 2022 година.