Новата сезона во женскиот тенис ќе започне на 5 јануари во Абу Даби, а турнирите во Оукленд и Шензен се откажани, откако раководството на ВТА денеска го објави распоредот на турнири за првите седум недели во 2021 година.
Минатата година, сезоната започна во кинесскиот Шензен и новозеландскиот Оукленд, но организацијата на двата турнири годинава нема да биде возможна поради рестрикции во патувањата и задолжителниот карантин поврзани со пандемијата на коронавирус.
Квалификациите за првиот годинашен Гренд слем ќе се одржат во Дубаи, од 10 до 13 јануари, а тенисерките на крајот од месецот ќе отпатуваат за Мелбурн каде ќе останат во задолжителен двонеделен карантин пред стартот на Австралија Опен.
-Со возбуда ги најавуваме почетните недели во новата сезона, изјави денеска претседателот на ВТА, Стив Сајмон, додавајќи оти „здравјето и безбедноста остануваат во прв план при организација на турнирите“.