Излезе од печат новото издание на „PrivatePrint“ – “Folded“ од Зоран Шекеров, книга која истражува и претставува пеливанската боречка традиција од автентичен и современ агол.

Folded е документарна фотографска книга на Зоран Шекеров во издание на „PrivatePrint“.

– Стилот на Шекеров, особено видлив низ фотографиите, е луциден и непредвидлив, и ги носи гледачите поблиску до темата на истражување, таму каде што никогаш не очекувале да бидат, истакнаа од „PrivatePrint“.

Книгата содржи фотографии направени во периодот од 2019 до 2020 година, за време на неколку пеливански натпревари. Приказната на книгата го следи целиот боречки ритуал на оваа традиција, додека, попатно се исцртува продлабочена анализа на група на млади пеливани.

– Мојата одлука со фотоапаратот да скокнам од публиката кон пеливаните на ливадата, ја создаде оваа книга во која се содржат трите главни стадиуми на борбата: подготовките, борбениот ритуал и чистењето на телото, преставени низ фотографии со блиски и асиметрични композиции и Bare-Bulb Flash. Целта да пристапам со таков метод на работа беше да го издвојам пеливанот од традиционалната слика и да го сместам во една артифициелна, каде што неговото тело наизглед е неприродно инкорпорирано во просторот. Така, е доловен токму моментот кога пеливанската борба се превиткува во скулптурални форми кои ги создаваат борачите, наведе Шекеров.

Зоран Шекеров (1992, Скопје, С. Македонија) е фотограф кој живее и работи во Скопје, С. Македонија. Дипломира на катедрата по фотографија при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, Скопје. Работи на долгорочни документарни фотографски истражувања кои се соочуваат со човечката состојба во даден општествено-политички контекст, како и со прашањата за идентитетот, патриотизмот, носталгијата. Особено е битен односот што го гради со фотографираните ликови, којшто на специфичен, интроспективен и интуитивен начин се чита и во приказните раскажани од неговите фотографии. Шекеров ги изложувал своите фотографии на самостојни и групни изложби во С. Македонија и интернационално.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2020 15:41