Актерите од кумановскиот театар читаат бајки и приказни за најмладата публика од градот, информираа денеска надлежните од театарот. Децата ќе имаат можност да ги проследат и слушаат новогодишните бајки во изведба на Александра Михајловска, Нина Максимова, Сања Русеска, Владо Дојчиноски, Владанка Димковска, Жарко Јовановиќ и Давид Илиќ. На овој начин театарот се доближува до најмладата публика.

– Поради неможноста за физичко присуство во театарот реализиравме идеја со фото студио „Стил” од Куманово за нашите најмлади посетители. Публиката која секогаш ни е верна и со нетрпение ја очекува секоја наша детска претстава. По тој повод дел од актерите од кумановскиот театар читаа новогодишни бајки и приказни кои ќе ги објавиме на нашите фан страни и локалната телевизија „Плус”, изјави директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев”, Сашо Тодоровски.

Актерката Александра Михајловска вели дека на овој начин сакаат да го доближат убавиот збор до најмладата публика и очекуваат дека идната 2021 година ќе можат и физички да се дружат со децата.

– Прочитавме четири приказни: „Девојчето и дванаесетте месеци”, „Момчето и златното јаболко”, „Вејко Северко” и „Двата Цара” од изданието „Бајки од Македонија” на Арс Ламина. Наша цел беше да создадеме мал продукт за децата од нашиот град во новогодишна атмосфера. Низ годините создадовме стабилен репертоар за деца и секоја година имаме барем една нова претстава за нив. Тие се наша многу драга и многу значајна публика. Затоа, нашите новогодишни приказни се подарок за децата и наша желба дека наредната година ќе можеме да се дружиме со нив и повторно ќе ги гледаме во нашиот театар, вели Михајловска.

Театарот и оваа година покрај пандемијата успеа да реализира неколку премиери и да изведе претстави првин на отворено, а потоа согласно протоколите и во затворен просор. Театарот во карантинот постојано објавуваше претстави за кумановската публика.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2020 12:16