Во чест на раѓањето на Кочо Рацин, во рамки на традиционалната манифестација „Денови“ наградата „Бели Мугри“ оваа година Домот на култура „Кочо Рацин“ од Скопје ја додели на авторката Милена Ристова – Михајловска за поетскиот ракопис „Запирка“.

Промоцијата на книгата се одржа денеска во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

Стихозбирката содржи пет поетски циклуса. За секоја поетска творба е искреирана и хаику – верзија. Книгата истовремено претставува и поезија за читатели, и хаику – прирачник за автори.

Милена Ристова-Михајловска е родена на 3 февруари 1985 година во Велес. Основното и средно образование ги завршува во Неготино. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет во Скопје. Во 2017 година докторира на Школата за докторски студии при УКИМ. Од 2016 до 2018 година е директор на НУ-УБ „Гоце Делчев“- Штип. Во 2018 година е избрана за насловен доцент на Филолошкиот факултет при УГД – Штип. Работи во Општина Штип како советник за образование и како проектен раководител во Академија Еуроарт.

Автор е на повеќе монографски публикации, a се јавува и како автор, уредник и рецензент на над 90 публикувани стручни, научни и уметнички трудови и повеќе поетски збирки. Таа е учесник, предавач и претставувач на македонската литература, уметност и култура на манифестации, конференции и предавања во земјава и во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2020 15:57