Издавачкиот центар ТРИ на почетокот од корона кризата го започна проектот „Карантински приказни“ преку кој обезбеди донација за болницата во Козле од 1.500 маски, три илјади ракавици и 37 пакувања скафандери.

– Замислен како пишувачки предизвик, но и како глас на хуманоста, проектот резултираше со две изданија – едно бесплатно во форма на е-книга со над 100 раскази, и едно печатено, кое се најде во продажба со цел да ги вклучи читателите во донирањето за јавното здравство како помош во справување со кризата, посочија од Издавачкиот центар.

Сета заслуга за успехот на изданието и неговиот хуман аспект, како што поренцираат, ја имаат авторите кои се приклучија на иницијативата на ТРИ – а тоа се Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, Петар Андоновски, Ѕвездан Георгиевски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Трајче Кацаров, Наташа Сарџоска, Ана Голејшка-Џикова, Виолета Танчева-Златева, Елена Пренџова, Евгениј Хоуп, Магдалена Чапаровска, Стефан Марковски, отец Методи Златанов, Александра Шаровиќ Атанасовска…сите учествувајќи во подобрување на состојбите – и емотивно, преку зборот, и реално, преку средства. Тоа, додаваат, е само уште една потврда дека секој може, преку она што го работи, да биде солидарен со колективната состојба, и да биде иницијатор за промени.

– Секој од нас е различна приказна, но оваа година сите приказни се различни на ист начин. Затоа да ја завршиме годината онака како што ја започнавме – со поддршка во секоја смисла на зборот, велат од Издавачкиот центар ТРИ.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2020 12:18