Од денеска до 7 јануари во Младинскиот културен центар ќе биде отворена изложбата „Подароци“ на Марко Илиевски.

-Двете главни идеи на кои што се основа овој проект насловен „Подароци“ се интерпретирање историја, традиција, култура и фолклор на модерен начин соодветен за жената денес како и подлабоко навлегување во еден од најголемите проблеми во модната индустрија и светот како целина, а тоа е рационалното, економичното и свесното производство на услуги и добра. Со овој проект сакав да дадам пример на кој начин модните дизајнери можат да придонесат во создавањето подобар свет, вели Илиевски.

Тој истакна дека преку процесите на „upcycling“ (употреба на веќе користени предмети и материјали со цел да се создаде нешто ново, различно од нивната првобитна функција и со поголема вредност) и „recycling“ (употреба на веќе користени предмети и материјали за создавање нешто ново при што не се менува нивната првобитна функција, туку само вредноста, која се зголемува) се обидел да трансформира материјали како стари завеси, декоративни, рачно плетени и ткаени чаршафи за маси и кревети и таписерии подарени од неговата мајка како и остатоци од други материјали, што ги употребувал при израбтката на првата колекција во нешто што е ново, функционално и може да се користи секојдневно.

Илиевски нагласи дека преку ваквиот начинна работа и користењето таков вид материјали, тој се обидел да ги зачува и да ги обнови старите занаети на создавање облека, што се од огромно значење за земјата и дел од богатата традиција и култура.

Марко Илиевски е роден на 10 декември 1993 година во Скопје. Средното образование го заврши во училиштето „Јосип Броз Тито“ во Скопје. По завршувањето на средното училиште во 2012 година, своето образование го продолжува на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот Графика и графички дизајн, како дел од класата на проф. д-р Славица Јанешлиева-Бачварска. Во третата година од неговото студирање ја освојува годишната награда „Драгутин Аврамовски – Гуте“ за најдобро изведено графичко дело.

При крајот на неговите студии во мај 2016 година започнува со работа како асистент, а подоцна и Џуниор дизајнер во модното студио „Драма“, како дел од тимот на креативниот директор Ивана Кнез.

Во 2016 година Илиевски ја организираше својата прва самостојна изложба насловена „Три точки“, каде што се претстави пред македонската публика со својата дипломска работа во која преку форма и боја го разработува влијанието на музиката врз секојдневното расположение на човекот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2020 20:58