Утре со почеток од 19 часот децата љубители на претставата ќе имаат можност да ја гледаат премиерна изведба на детската претстава насловена „Некој нека ми каже“, работена според приказната „Kurt Quo Vadis?” на Ерленд Лу.

Како што информираат од Театарот за деца и младинци претставата е во драматизација на Милена Деполо, а режијата е на Слаѓана Калибарда од Хрватска. Главен јунак во приказната е возачот на вилушкар, Курт.

– Во оваа приказна, Курт, поради високите општествени кругови во кои се движи, станал несигурен во себе и со својот мал син тргнува по потрага на своето големо дело што ќе му помогне и тој да стане важен во своето опкружување, се наведува во соопштението.

Главните пораки од претставата се дека не мора да бидеш светски шампиони за да те сака некој, нормално е во исто време да бидеш обичен и необичен, но и дека е нормално зад себе да оставиш некакви траги кои се добри, ама и некои кои не се толку добри.

– Додека ја правевме оваа претстава не сакавме да бидеме како некои „паметни големи луѓе” кои ќе ги научат нешто децата. Инаку, децата се многу често многу попаметни и од нас, баш како Бад, кој има само неколку годинки, а е попаметен и од својот татко. Сакавме на децата да им раскажеме приказна и со нив да ги споделиме мислите, грижите и чувствата кои растеа во нас додека се дружевме со Ерленд Лу и неговиот главен јунак Курт, се потенцира во соопштението од театарот.

Претставата е наменета за деца од над шест години и ќе биде во времетраење од 70 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2020 13:42