Со промоцијата на последната, тринаесетта книга насловена како „Араптази“, пензионираниот професор по македонски јазик Иван Котев (80) од Струмица одбележа половина век макотрпно собирање, дешифрирање, средување и печатење на вековната народна мудрост. Првата песна ја запишал на 13 јануари 1970 година во селото Босилово. Неа му ја пеел Тодор Митов Донев. Првата приказна ја запишал во 1971 година во селото Дражево, а му ја раскажала Ѓурга Ѓузелова.

За себе вели дека не се чувствува како Марко Цепенков, туку како Иван Котев, но признава дека Цепенков му е идол. Ги додава и браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев и други кои го дале и својот живот собирајќи народни умотворби, кои, според него, се показ и доказ за духот на нашиот народ.

Во својата последна книга ги собрал македонските народни волшебни приказни исклучиво од Струмица и Струмичко.

-Тоа се оригинални приказни запишани лично од мене и нема позајмување од други извори. Книга со приказни во која се содржат оригинални мотиви од кои некои дури ги нема и во светската литература. Јас сум многу среќен што ја промовирав мојата книга „Араптази“ која содржи 96 приказни на 530 страници и ќе претставува едно убаво свежо и навистина корисно четиво и за децата и за возрасните, вели Котев.

Книгата ја промовираше д-р Ана Витанова Рингачева, која истакна дека јазикот и книжевноста имаат своја меморија и дека го памтат сето она што е заборавено во секојдневниот живот.

-Со оваа книга на нашиот Иван Котев, македонската фолклористика добива референца, која на виделина ги вади блескавите бесценетости кои ги крие струмичката почва. Заради зачуваниот автохтон убав струмички дијалект оваа книга е навистина грамадна. Затоа, „Араптази“ ја ставам во редот на најголемите потфати на македонската современа наука, рече Витанова Рингачева.

Котев смета дека не е лесна работа да се напише една книга и бара макотрпна работа и залагање, но потешко е издавањето на собраните материјали.

-Оваа година ако је немав помошта од директорот на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, Ванчо Ристов Патриков, веројатно немаше ништо да издадам. Пет години по ред барам средства од Министерството за култура, но сум одбиван со образложение дека не препознале национален интерес, а во приказните нема ниту нации, ниту држави, ниту имиња на главните актери. Тешко е да се издаде, но, ете, ако човек е трпелив, тактичен, ако работи, тогаш успехот на крајот се наградува, објаснува професорот Котев.

Нема спонзори за издавање на своето творештво, бидејќи, како што вели не знае да ги бара, но најважно е да има интерес за зачувување на македонското народно творештво.

-Тоа е капитална работа, на која нашите политичари и научници треба да посветат посебно внимание, бидејќи народното творештво и фолклорот е рожба на народниот дух, на нашиот народ од сите слоеви. Приказните се кажувани во овчарските колиби, по планините, на нивите во полето, во царските палати, во трговските центри, секаде кадешто се нашол човек кој знае да раскаже приказна. Тие се кажувале и се пренесувале од колено на колено и така допреа до нас за да ги ставиме меѓу кориците и да останат во аманет на нашите деца, внуци и правнуци. Да знаат дека оваа земја имала раскошни духови, имала паметни луѓе, кои знаеле да напишат, кои знаеле да кажат и да прераскажат. Тоа е голема работа. Секој не знае да раскажува приказни, бидејќи тоа е една вистинска уметност, подвлекува Котев.

Со последната објавена книга не ја завршил својата мисија. Има уште многу за објавување.

-Имам уште 200 приказни, илјада песни и над 20 илјади поговорки и пословици, кои чекаат да бидат ставени на показ пред јавноста. Тоа е едно огромно богатство, кое треба да се објави. Сега работам на народните љубовни песни од Струмица и Струмичко, кои се исто така во голем број. Работам и на поговорки и пословици, кои ќе бидат втор дел од делото „Мудроста на вековите“. Имам песни за и празниците и обичаите. Имам материјал, имам работа за уште најмалку три книги. Подготвена ми е книгата со песни од Првата светска војна. Иако е мала книгата и не треба поголеми средства, но ете не стигнувам да ја објавам, рече на крајот неуморниот собирач на народната мудрост.

Круната на своето полувековно творештво ја очекува идната година во мај, кога треба да се одржи симпозиум по повод неговата педесетгодишна собирачка дејност. Дотогаш модерниот струмички Марко Цепенков продолжува со полна сила да го собира големото народно творештво и да го чува за идните генерации.

Ристо Тасев



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2020 09:44