Локомотива – центарoт за нови иницијативи во уметноста и културата од денеска до 15 јануари преку онлајн настани ќе ги презентира видео интервенциите од проектот „Неуспехoт како пракса“ на уметникот Дарко Драгичевиќ (Берлин) остварена заедно со уметнички соработници: Рут-Јохана Андерсон (Стокхолм), Кристина Цупке (Берлин), Владимир Јанчевски (Скопје), Нина Мешко (Љубљана), Зорица Милисављевиќ (Белград) и Зорица Зафировска (Скопје).

– „Неуспехот како пракса“ е тринеделен проект на Локомотива остварен во соработка на Гете-Институтот Скопје, кој започна со тридневни работилници водени од Дарко Драгичевиќ на која шесте поканети уметници од пет различни европски земји соработуваа и размислуваа за општото разбирање на неуспехот во различни социо-политички контексти, а за таа цел се служеа со серија аналитички и практични задачи како средства за набљудување и алатки на дискурс за понатамошна интерпретација на потенцијалите на глобалното разбирање на неуспехот и неговите трансформативни моќи во продуцирање на новостекнати знаења, посочува тимот на Локомотива.

Поради ситуацијата со пандемијата предизвикана од Ковид-19, наведуваат, работилниците се одржале онлајн, при што на „претставниците“ од претходните изданија на „Неуспехот како пракса“ од тимовите од Белград, Берлин, Стокхолм и Љубљана им се придружиле локалните уметници од Скопје. Во текот на работните сесии се размислувало за темите на колективитетот, телото/телата во приватниот и јавниот простор и соработките споделени низ призмата на културната и колективната меморија на секој учесник.

– „Неуспехoт како пракса“ претставува серија интервенции на специфични локации кои имаат за цел да создадат различни, паралелни линии на комуналност преку спротивставување на општата валоризација на успехот кои ќе бидат презентирани на ЈуТуб каналот и веб сајтот на Локомотива и социјалните медиуми, се наведува во соопштението.

Проектот „Неуспехот како пракса“ започнал во мај 2017 година како серија работилници предводени од Дарко Драгичевиќ, изведбен и визуелен уметник. Учесниците на работилницата биле членови на „Градска герила“ – група млади уметници и активисти. Проектот е реализиран во Белград, со поддршка од Гете-институт Србија. Во 2019 година Гете институтот ја објавува книгата/каталог со истиот наслов и проектот – „Неуспехот како пракса“ е презентиран меѓународно на различни фестивали, универзитети и други курирани платформи.

Проектот Неуспехот како пракса се спроведува во партнерство помеѓу авторот Дарко Драгичевиќ и Локомотива и се реализира во рамките на програмата „Уметност, политика, институција, тело“ куриранa од Биљана Тануровска Ќулавковски, продуциранa од Виолета Качакова и координиранa од Зорица Зафировска. Имплементацијата на проектот е поддржана од Гете-институтот, Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2020 10:28