Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово е отворена изложбата „1000 години Бигорски манастир“ која опфаќа фотографии, реплики од икони, фрески и плаштеници. По повод илјада години Бигорски манастир ја подготвија и организираат членови на ансамблот „Македонија“ од Скопје, во рамки на проект поддржан од Министерство за култура и Бигорскиот манастир.

-Прикажани се осум олтарни икони, две чудотворни икони, две тронски икони, три икони од 16 век, еден капак од кивот од светите мошти, плаштеница и две фрескоикони. Сликите се реплики на икони и фрески и се прикажани во нивната големина. Целата изложба е наменета по повод 1000 години од Бигорскиот манастир, истакна Денис Синадиновски, кореограф, етнокореолог во Центарот за култура Куманово.

Изложбата ќе биде поставена и наредните 10-ина дена, а влезот е слободен, но ќе се реализира согласно со мерките за заштита од КОВИД-19.

-Ги повикуваме кумановци да дојдат од петок, да ја погледнат оваа изложба која ќе биде отворена следниве 10 дена. Очекуваме дека ќе има интерес во Куманово, ова се интересни уметнички дела, коишто се изложени во Бигорскиот манастир, нагласи Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Изложбата „1000 години Бигорски манастир“ беше промовирана на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола, а подоцна прикажана и во центрите за култура во Кавадарци и Неготино.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2021 16:52