По повод големиот празник Христовото раѓање-Божик, на задоволство на верниците подготвен е видео запис за новата божикна каланда „Христос се раѓа, на светот радост“.

-Деновиве, на голема радост на сите, во прекрасните предели на славниот Галичник и во манастирските одаи на Бигорската обител, со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски Партениј, а во соработка со здружението „Бадникови поворки“, се подготвуваше уште еден видео запис за новата божикна каланда “Христос се раѓа,на светот радост,вели сестра Ефимија.

Додава дека оваа музичка творба потекнува од широките балкански простори од времето на Ромејското Царство, Византија и се пеела меѓу мијачкото население, заради што и сегашната верзија е отпеана токму на познатиот мијачки дијалект.

-Нејзиниот народен мелос, пак, е карактеристичен за нашите простори, како и за богатата традиција која сме ја сочувале како наследници на ромејската култура и духовност.Коледарските песни, каландите, се пееле во периодот од Бадник до Василица, односно со нив се прославувал и почетокот на Новото лето Господово, кој е, секако, поврзан со Раѓањето на Спасителот Христос,додава таа.

Посочува дека екипата, со огромна љубов, радост и посветеност се собрала за да го оствари овој историски потфат во чест и спомен на богатиот творечки дух на Мијаците, на нивната вера и ревносна борба за зачувување на православната вера и традиција и во најтешките времиња.

Видео записот е во продкција на 2С Студио, режијата е на Дејан Пројковски,учесници се групата „Љубојна“, актерот Мето Јовановски, голем број на музичари и статисти и други лица додека снимањето, миксањето и мастерингот е на студио „Подрумот“



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2021 17:28