Македонската одбојкарска репрезентација победнички ги започна квалификациите за пласман на Европското првенство, откако вечерва во Скопје ја совлада Босна и Херцеговина (БиХ) со 3:1.

Македонските одбојкари ги решија во своја корист воведните два сета (27:25, 25:21), по што уследи пад во играта и загубен трет сет со 25:23.

Сепак, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ брзо ги консолидираа своите редови и го добија четвртиот сет со 25:19 за конечен триумф од 3:1.

Фаворитот Турција, в среда, е следен противник на македонските одбојкари во Ц-квалификациската група, што во двокружен систем до 16 јануари ќе се игра во салата „Борис Трајковски“.

Четвртата репрезентација во Ц-групата Данска го откажа настапот во квалификациите.

Пласман на Европското првенство ќе обезбедат победниците во седумте квалификациски групи, како и петте најдобро второпласирани репрезентации.

Завршницата ќе се одржи на крајот на претстојното лето во Полска, Чешка, Естонија и Финска.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2021 21:16