Услугата „click in shop“, односно посета на продавница по претходно закажан и одреден термин е една од можностите што веројатно ќе се воведе во Грција, а ќе се однесува на продавниците за облека, обувки и за златарите, кои поради карантинот и понатаму се затворени, јави дописничката на МИА од Атина.

Едно од сценаријата во Грција е следниот понеделник одново да биде дозволено и подигање на нарачка од продавница, односно услугата „click away“, што функционираше пред божиќните и новогодишните празници, а прекината е веќе 10 дена.

За отворање на продавниците, но само за конкретните услуги грчката Влада чека зелено светло од Комисијата на епидемиолози, која ќе одржи состанок во петок, по што ќе бидат соопштени и новите мерки.

-Нашиот план, што ќе биде олеснување и за епидемиолозите, но и за пазарот да се придвижи е да се отворат продавниците со „click away“, како што беше пред празниците, а продавниците за облека, обувки и златарите да работат со закажување и купување во продавницата, бидејќи со „click away“, прометот во овие области беше мал, рече генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис во интервјуто за грчкото радио „Скај“.

Продавниците во Грција се затворени од 7 ноември 2020 година, откако беше воведен карантинот, додека пак од средината на декември до 2 јануари беа отворени само за подигање на претходно направена нарачка, телефонски или преку интернет и со претходно одреден конкретен термин, а целиот процес се одвиваше во надворешниот дел, пред самите продавници.

Оваа услуга веројатно повторно ќе биде вратена од понеделник, додека пак со новата „click in shop“, граѓаните по претходно закажан термин, ќе можат да влезат во продавниците за облека и обувки и во златарите и да го пробаат она што сакаат да го купат.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/01/2021 18:03