И покрај пандемијата традицијата продолжува, џоломарите утре ќе бркаат лоши духови од Тиквешијата. Како што потврдија за МИА џоломарските групи, традицијата ќе продолжи во селата Бегниште и Ресава, а заради Ковид-19 е откажан годинашниов настан во Сопот и Дреново.

–СО ВЕКОВИ НАНАЗАД НА ОВИЕ ПРОСТОРИ СЕ ПРОСЛАВУВА ВАСИЛИЦА СО МАГИЧНАТА ЏОЛОМАРСКА ИГРА. ВО НЕА, ЏОЛОМАРИТЕ СО ОБРЕДНИ ИГРИ ГИ БРКААТ ЗЛОТО И ЛОШИТЕ ДУХОВИ, ПРАВЕЈЌИ ПАТ НА ЗДРАВЈЕТО, СРЕЌАТА И БЕРИЌЕТОТ, ЗА МИА РЕЧЕ ОРДАНЧО ЛАЗАРОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЏОЛОМАРСКАТА ГРУПА ОД БЕГНИШТЕ. ТОЈ НАГЛАСИ ДЕКА ТРАДИЦИЈАТА НА МАСКИРАЊЕ НА ЛУЃЕТО ВО ЏОЛОМАРИ СО ЦЕЛ ДА СЕ ИЗБРКААТ ЛОШИТЕ ДУХОВИ И ДА СЕ ВНЕСЕ ПОЗИТИВНА ЕНЕРГИЈА ВО ЖИВОТОТ, НАПРАВИ КАВАДАРЕЧКО ДА БИДЕ НАДАЛЕКУ ПРЕПОЗНАТЛИВО ПО ЌУЛАВКИТЕ, КЛОПОТАРЦИТЕ, СТАПОВИТЕ И СО САЃИ ИСЦРНЕТИТЕ ЛИЦА НА ЏОЛОМАРИТЕ.

Никола Кујо Ризов, претседател на џоломарската група од Ресава, додаде дека преку џоломарите се пренесува историјата, традицијата и културата на џоломарството.

–ЌУЛАВКИТЕ И КЛОПОТАРЦИТЕ СЕ ПРЕНЕСУВААТ ВО НАСЛЕДСТВО ОД ТАТКО НА СИН, ОД ДЕДО НА ВНУК. ГИ ОБЛЕКУВААТ СТАРИ И МЛАДИ И СИТЕ ЗАЕДНО ЈА ПРЕРАСКАЖУВААТ ПРЕКРАСНАТА ПРИКАЗНА КОЈА СЕ ВЕРУВА ДЕКА НОСИ ЗДРАВЈЕ, БЕРИЌЕТ И СРЕЌА, РЕЧЕ РИЗОВ.

Двајцата беа децидни дека традицијата не треба да се прекинува. Нагласија дека џоломарските игри ќе се одржуваат на отворено и дека ќе апелираат да се почитуваат превентивните мерки за заштита од коронавирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2021 00:17