Васил Хаџиманов, како еден од најголемите собирачи на македонски народни песни, за време на својот живот собрал повеќе од 6.000 изворни народни песни, 500 тажалки и 700 албански народни песни и успеал да ги сочува од времето на заборавот, вели кавадаречкиот историчар Петре Камчевски.

Тој по повод 115 години од раѓањето на Хаџиманов (14 јануари 1906) потсети на неговиот плоден живот. Васил Хаџиманов бил фармацевт (магистер по фармација), етномузиколог, фолклорист, мелограф и одличен интерпретатор на изворни македонски народни песни, како и еден од идејните водачи на културото живеење на Кавадарци во периодот помеѓу двете светски војни. Хаџиманов бил учесник во НОВ во партизанскиот одред “Јане Сандански“.

“Со својата Тиквешка фолклорна група на Сојузниот натпревар во Белград го освоил првото место во 1938 година. По војната работел како музички уредник во Радио Скопје. Васил Хаџиманов починал во Скопје на 16 декември 1969 година“, потсети Камчевски како хроничар на Кавадарци и Тиквешијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2021 22:41