Ја известуваме јавноста дека, Левица денес (20.01.2021) до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе ИНИЦИЈАТИВА – ПРЕТСТАВКА за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на РМ и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба (од 28 декември 2020 година).

По тој повод, нашиот член на Централниот комитет и член на Правниот сектор на партијата, Саше Јанчев, по поднесувањето на претставката, пред Уставниот суд, одржа прес конференција.

„Најголемата моќ во општеството ја има државниот апарат, а со таа моќ доаѓа и можноста за злоупотреби на таа моќ од поединци за поединечни интереси, а на сметка на сите останати. Заштита од злоупотреба на таа моќ ни е владеењето на правото, рамката од која што не смее да излезе власта во владеењето е Уставот, а на 28 декември 2020, Собранието на Македонија донесе Закон за решавање на спорот помеѓу владата на Р. Македонија и Макпетрол по пат на спогодба во кој е предвидено една акција, којашто вреди 19.000.000 (деветнаесет милиони) евра, да му се плати на Макпетрол по цена од 33.000.000 (триесет и три милиони) евра.

Во законот никаде не е спомнато кој ќе плати данок на капитална добивка, ниту пак е спомнато дали државата ќе добие дивиденда. Лицата во чиј интерес се прави сето ова се наведени за прв пат во законот, ова е и преседан од АСНОМ до денес затоа што законите се општи правни акти, коишто делуваат ЕРГА ОМНЕС према сите, а не поединечно како што делуваат судските пресуди. Сето ова е така направено, што е пробиена уставната рамка во неколку точки.

Прво е пробиена тријалистичката поделба на власта на Законодавна, Извршна и Судска. Имено, законодавниот дом пробува да реши судски спор стар 15 години и со тоа прави упад во надлежностите на судската власт и делува како вонреден суд што е изречно забрането со Уставот. Друга работа е што законот е привилегирачки, се рашава спор само на една компанија, а сите останати компании, коишто имаат судски спорови со владата се тргаат на страна. Воедно законот е и фаворизирачки, затоа што се нарушува правната еднаквост на економските субјекти, која е гарантирана со Уставот, трета работа е што никаде не се спомнува кој ќе го плати данокот на капитална добивка, а според Устав сите субјекти се должни да плаќаат данок и јавни давачки. Четврта работа е што од никаде во законот се инволвира трето незаинтересирано и неинволвирано лице, а тоа е „А.Д. Национални енергетски ресурси” (НЕР АД Скопје), кое е во државна сопственост и кое е инволвирано со цел преку него да се направи наплата, тоа е најверојатно така, затоа што Владата сака да ја тргне од свои раце евентуалната идна кривична одговорност.

Се’ на се’, ако се спроведе овој закон, можни се штетни и непоправливи финансиски последици по Републичкиот буџет и опасност по правната сигурност на граѓаните и компаниите. Затоа денес, правниот тим на Левица поднесе иницијатива до Уставниот Суд со којашто БАРАМЕ, да се преиспита уставноста на овој закон и истиот целосно да се поништи”, изјави на прес конференцијата Саше Јанчев.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2021 23:19