Велика Британија денеска повторно има рекорден број смртни случаи од коронавирус, исто како и Португалија каде што бројот на заболени се зголеми за 40 проценти од претходниот ден.

Во Велика Британија денеска починаа уште 1.820 лица од новиот коронавирус, нов дневен рекорд од почетокот на пандемијата. Вкупниот број починати изнесува 93.290, најмногу во Европа.

За 24 часа пријавени се 38.905 новозаразени, што потврдува пад на бројот на заразени во последните денови, од вкупно над 3,5 милиони случаи.

Британија започна кампања за вакцинација минатиот месец и Владата планира да ги вакцинира сите над 70-годишна возраст и медицинскиот персонал до средината на февруари или околу 15 милиони луѓе.

Португалија исто така денеска има рекорден број смртни случаи – 219, а бројот на новозаразени за еден ден се зголеми за 10.455. Болниците се под силен притисок од голем број болни и починати. Земјата со 10 милиони жители има вкупно 581.605 заразени од почетокот на пандемијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2021 23:43