Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека САД често испраќаат бродови и авиони во Јужно Кинеско Море за да демонстрираат сила.

– САД често испраќаат бродови и авиони во Јужно Кинеско Море за да вежбаат мускули. Тоа не придонесува за мирот и стабилноста во регионот, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Личијан.

Американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“ во саботата вплови во Јужно Кинеско Море за да промовира „слободна пловидба“. Тоа е прва рутинска вежба по доаѓањето на Џо Бајден во Белата куќа.

Истиот ден кога американскиот носач на авини вплови во Јужно Кинеско Море, Тајван соопшти дека кинески авиони навлегле во воздушниот простор на островот.

Според тајванското Министерство за одбрана 13 кинески авиони, од кои осум бомбардери и пет авиони ловци во саботата го нарушиле воздушниот простор на Тајван, а вчера Кина испратила 15 авиони од кои три бомбардери и 12 ловци.

Кина полага право на речиси сите острови во Јужно Кинеско Море и постојано се жали на американските операции во регионот. За Пекинг, Тајван е кинеска провинција и се заканува дека ќе ја врати со примена на сила во случај на формално прогласување на независност или странска интервенција.

Јужно Кинеско Море подолг период е едно од спорните прашања помеѓу САД и Кина.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2021 21:27